Како што дознава музичкиот портал Музика24, концертот „Легендите живеат вечно“, посветен на македонските музички великани, втора година по ред ќе се одржи во Македонската филхармонијата на 4-ти октомври со почеток од 21 часот, објави продукција Прагма.
Ламбе Алабаковски, Наде Талевска, Ивона Јо… и многу други пејачи ќе ги пеат хитовите на Тоше Проески, Драган Вучиќ, Јонче Христовски, Драган Каранфиловски-Бојс, Пепи Бафтировски, Есма Реџепова, Пепи Бафтировски, Гоце Арнаудов и Зафир Хаџиманов во придружба на камерен оркестар.
Минатата година, на 28-ми октомври се одржа првиот дел од овој концерт, а организаторите поради интересот на публиката уште тогаш најавија дека во 2024 година ќе има продолжение.
На првиот концерт, минатата година настапија: Наде Талевска, Ламбе Алабаковски, Ивона Јо и Тамара Волческа. Ги пееја „Цреша“ од Тоше, „Најбогат на свет“ од Влатко Илиевски, „Ај засвирете ми чалгии“ од Јонче Христовски, „Заветна“ од Пепи Бафтировски, „Бисер Балкански“ од Гоце Николовски, „Дали чекаш стара мајчице“ од Гоце Арнаудов, „Свирете ја зајди зајди“ во чест на Драган Вучиќ и други. Билетите се продаваат преку мрежата на Купи карта.
