Публиката од Струга и околината на 12-ти август на Летната сцена при Центарот за култура, ќе има единствена можност ова лето во живо да ги чуе големите хитови на познатиот рок бенд „Галија“. Неша Галија Трио е составено од фронтменот Ненад Милосављевиќ – Неша, неговиот брат Предраг и Горан Вучетиќ.
Силната желба за живот, упорноста и талентот го карактеризираат развојниот пат фронтменот на „Галија“, Ненад Милосављевиќ – Неша. Сплет на животни околности уште додека е дете го ставаат пред најголемиот животен испит. На свои 2 години, тешка повреда го приковува за кревет во наредните 5 години. Долгото опоравување му одзема добар дел од детството, но благодарание на упорноста и поддршката на неговиот брат Предраг, Неша на крајот успева да стане еден од најпознатите музичари во Југославија. Музичар кој својата „Галија“ веќе повеќе четири децении ја држи на самиот врв на рок музиката. Од албумот „Прва пловидба“ во 1979 година тие функционираат како братски тандем, Неша компонира а постариот брат Пеца е текстописецот на бројните хитови. Тие заедно ги создаваат песните „Узалуд се трудиш“, „Ти можеш све“, „Дигни руку“, „Дали си спавала“, „Писмо“, „Котор“ и уште многу други.
Концертот е во организација на Сцена продукција заедно со БараБар. Сцена продукција во септември 2020-та година организираше голем акустичен концерт на „Галија“ во битолска Хераклеа.
