Ако мислевте дека најголемата забава ќе биде на 31 декември, време е да ги промените плановите. Годинава, новогодишната атмосфера во Македонија започнува еден ден порано, а главниот виновник за тоа е Young Dadi. На 30 декември, со почеток во 19 часот, Т Арена ќе биде домаќин на концертниот спектакл „Young Dadi & Old F*ing Friends – The Ultimate Live Experience“, настан кој ветува да биде многу повеќе од обичен концерт – вистински новогодишен музички спектакл.
По година исполнета со успешни настапи и концерти, Avalon International Booking подготвува големо финале на 2026 година со продукциски најамбициозниот настап на Young Dadi досега.
Она што овој концерт го прави посебен е фактот што за првпат Young Dadi ќе настапи со бенд во живо, носејќи сосема ново концертно искуство, збогатено со модерна продукција, мултимедијални визуелни ефекти и специјално осмислено сценско шоу. Под мотото „Young Dadi & Old F*ing Friends“, на сцената ќе му се придружат бројни пријатели, долгогодишни соработници и музичари од Македонија и регионот кои биле дел од неговото музичко патување. Организаторите најавуваат вечер исполнета со изненадувања, емоции и енергија што ќе ја претвори Т Арена во најголемата новогодишна прослава во земјата.
Публиката ќе има можност во живо да ги слушне песните што ја одбележаа неговата кариера – „Лидија“, „Сара“, „Син на мама“, „Bestie“, „5 до 2“ и уште многу други, но овојпат во сосема ново концертно руво.

Од Avalon порачуваат дека ова не е само концерт, туку прослава на пријателството, заедништвото и македонската музика, со која симболично ќе се испрати 2026 година и ќе се дочека новата – само еден ден порано. Влезниците веќе се пуштени во продажба преку продажната мрежа на Avalon и Karti.com.mk. За оние кои веќе купиле билети за претходно најавениот термин, организаторот ги соопшти следните информации:
- посетителите со билети за седење во СЦ „Јане Сандански“ ќе добијат нови билети за Т Арена на својата e-mail адреса;
- билетите за партер и фан пит остануваат важечки и за новиот датум;
- сите кои нема да можат да присуствуваат на 30 декември ќе можат да побараат рефундација преку продажните сервиси.
Со оглед на интересот што Young Dadi го предизвикува кај публиката во последните години, очекувањата се дека Т Арена ќе биде исполнета до последното место, а 30 декември ќе се претвори во вечер за која долго ќе се зборува.
Текстот го подготви: Андреа Андреевиќ
