Традиционалниот Вевчански карневал и годинава ќе понуди богата културно-забавна програма и забавни содржини за повеќе од 10.000 илјади посетители. Организаторите најавуваат над 1.000 оригинални маски и многу други содржини.
“За оваа 2020 година, јас и сите вевчанци ветуваме многу смеа, игра, тетатар и маски кои што ќе го привлечат вниманието на јавноста, задржувајќи ја својата уникатност и архаичност. Повикувајќи се на годинашниот оригинален слоган: “Ќе ојш? На вевчански. Напрај се и ти василичар” ги повикувам сите љубители на добрата забава да дојдат во Вевчани и да станат василичари”, порача Градоначаникот на Општина Вевчани, Сашо Јанкоски.
Годинашната програма започнува на 12-ти јануари во 16 часот кога ќе биде отворена изложбата “Вевчанскиот карнвал низ призмата на Билјана Јуруковски”. Вечерта во 19 часот на отвoрената сцена на игралиштето ќе настапат: DJ Todoroff, дуото “Eye Cue”, “Brass brothers” и Влатко Лозаноски.
На 13-ти јануари, по претставувањето на маските на големото василичарко дефиле, во вториот дел на програмата што почнува во 21 часот ќе настапат фолк пејачите: Дамјан Стојановски и Татијана Стефановска, на полноќ со традиционален огномет и со настапот на дувачкиот оркестар “Весела дружина” ќе биде пречекана Стара нова година.
За првпат оваа година на “Вевчанскиот карневал” ќе има и кулинарско шоу со Бранко Попоски насловено “Вкуси го Вевчани”. Тој е познат по својот гастрономски блог на социјалните мрежи: “Готвење со Бранко” (Cooking with Branko), а за време на карневалот најави дека ќе ги подготви сите традиционални вевчански специјалитети што се подготвуваат во оваа пригода, но на специјален начин.
