Како што не информираат организаторите, Скопје од 16-ти до 19-ти октомври во Паркот на Франкофонијата ќе вбиде домаќин на тринаесетото издание на најстариот пивски фестивал во Скопје – „Пиволенд”.
Фестивалот кој традиционално се одржува од 2009 година, за посетителите ќе понуди повеќе од 30 разновидни брендови на пива, со повеќе од 100 видови индустриско и занаетчиско пиво, вкусни деликатеси како и повеќе од 40 музички артисти. Фокусот и оваа година е на поддршка на македонската музичка сцена и Скопје ќе пулсира во ритамот на рокенролот, реге, панк, хип хоп, поп и блуз, а своја шанса да се претстават пред македонската публика ќе имаат и млади и надежни имиња.
На главната сцена на Пиволенд ќе настапат Бадминтонс, Морал, Паркети, Викеда, Д Далтонс, Пичвајз, Занаду, Деменси, Гуру Харе Бенд, Диџеј Славе, Бело Копче, Огнен Здравковски, Културно Уметнички Работници и многу други. За најмладите во сабота е подготвена и дневна програма, а на сцената ќе свират млади бендови од училиштата „Ентерпрајз” и „Мјузик лаб”.
Почетокот на фестивалот денеска е од 18 часот, а од организацијата испраќаат покана до сите љубители на пивото и поддржувачи на „Пиволенд”: „Бидете дел и од овогодишното издание на Пиволенд за заедно да продолжиме една убава скопска традиција и да го исполниме нашето мото – Дојди, види, испиј!”.
