Во прв ред

Од евакуација до еуфорија – Солзи, љубов и емотивната ноќ со Пеѓа Јовановиќ во Скопје (Фото+Видео)

Датум што ќе остане запаметен во сеќавањето на сите присутни. Денот кога спортскиот центар „Јане Сандански“ требаше да биде сведок на музичка магија, но започна со шок и неизвесност. Долгоочекуваниот концерт на популарниот српски пејач Пеѓа Јовановиќ, најавуван со месеци, одложуван, па презакажан, конечно се случи – и тоа на начин што никој не го очекуваше.

Додека новинарските екипи ги добиваа своите акредитации, а публиката веќе полека се сместуваше во салата, како гром од ведро небо одекна веста – дознаено е за можна бомба во салата. За момент времето застана. Од неверување до вистинска тревога, и публиката и новинарите беа затечени. Полицијата веднаш реагираше, и целиот простор беше евакуиран. Како во сценарио достојно за трилер, обожавателите на Пеѓа се најдоа пред салата, на студен дожд и неизвесност, чекајќи добри вести.

И по речиси 40 минути – дојдоа. Станувало збор за лажна дојава. Нема опасност. Срцата се вратија на место, а нозете – повторно во салата.

Со насмевки, возбуда и полни срца, публиката го дочека почетокот на концертот. Без предгрупа, без најава, но со силна емоција, на сцената излезе тој – со гласот поради кој балканските мрежи вриеја последниве години. Пеѓа Јовановиќ со својот Биг Бенд, во беспрекорно синхронизиран настап, ја отвори вечерта со емотивната „Волим те и пијан“.

Сцената, осветлена со топли тонови и елегантна сценографија, повеќе наликуваше на концертна сала во Виена отколку на спортски центар во Скопје. Атмосферата – интимна, топла, длабоко човечка.

Публиката имаше можност да ужива и во хитовите: „И ко зна што је то добро“, „Љубав, ја и ти“, „Мила“,„Парфем од ваниле“, „Све љубави моје“, како и новата балада „Немогуча љубав“, испеана во оригинал со Бресквица, која синоќа ја изведе соло, но со толку емоција што дел од присутните не можеа да ги сопрат солзите.

Во текот на вечерта, Јовановиќ испеа и неколку кавери од негови омилени колеги – омаж кон музиката која го инспирирала, но и знак на почит кон публиката што го поддржува. Тој за време на концертот ја изненади својата публика, па седна на столче, ја зема својата хармоника и отпеа микс на негови омилени песни, меѓукои се најдоа и „Ако умрам ил загинам“ и „Македонско девојче“ на што публиката реагираше со големи овации и сите пееја во еден глас.

Доминантно женската публика – видно трогната. Сцените беа трогателни: девојки што си ги бришат солзите, прегратки среде песни, мобилни светла што се нишаат со ритамот на емоцијата. Беше тоа повеќе од концерт – беше катарза. Беше сведоштво дека музиката и љубовта можат да го победат стравот и несигурноста. На крајот од вечерта, Пеџа Јовановиќ скромно, но искрено се заблагодари на публиката:
„Ова е моја прва голема средба со вас, но не и последна. Се враќам – наскоро“, рече тој.

Скопје оваа ноќ не доби само концерт. Добивме вистинска емоционална приказна, со доза на драма, неизвесност, но и огромна уметничка душа. И сите што беа таму – ќе имаат што да раскажуваат.

По завршувањето на концертот, како што и се очекуваше, толпа од обожавателки – најмногу млади девојки, со телефони во раце и насмевки на лицата, чекаа ред за да се фотографираат со својот омилен пејач. Атмосферата пред бекстејџот беше полна со возбуда, љубов и нетрпение. Но, додека траеше оваа мала постконцертна еуфорија, нашата екипа од музичкиот портал Музика24 успеа ексклузивно и накратко да поразговара со ѕвездата на вечерта – Пеѓа Јовановиќ.

Во краткото интервју, тој видно емотивен изјави:

„Навистина беше сјајно, јас уживав. Секој пат кога доаѓам во Македонија, како што вели мојата песна, мене ми е преубаво. Ова е мој прв голем солистички концерт во Македонија, во минатото настапував во некои ноќни клубови и дискотеки кои исто така беа премногу посетени, но ова вечерва… навистина беше фантастично“, вели Јовановиќ. Што се однесува до најавата за бомба пред самиот концерт тој рече дека само слушнал дека имало најава за такво нешто, но дека кога веќе сме тука после концертот се е во ред и сето тоа е само лажна дојава.

„Со ова што денес се занимавам планирам да се бавам цел живот, па така не е исклучено во иднина и соработка со македонски изведувач, дуетска песна или соработка со македонски музички имиња“, одговара Пеѓа на нашето прашање, а што се однесува до идните планови и ангажмани тој за Музика24 вели:

„Во идниот период имам договорени настапи, концерти ширум поранешна Југославија, и во Босна, и во Хрватска и во Црна Гора… како и во Македонија, имам договорено веќе неколку настапи во текот на летото. Повторно ќе се видиме. Јас сум навистина пресреќен што публиката од цела екс ју ме слуша, ме сака, и ги знае моите песни…и незнам што друго да кажам освен едно големо благодарам“, изјави Пеѓа Јовановиќ веднаш по вчерашниот концерт во спортскиот центар „Јане Сандански“.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Фото и Видео: Музика24.мк, Кристијан Теодоров

Можеби ќе ве интересира: