Во прв ред

“Охрид фест” со многу новости и изненадувања оваа година

И оваа, како и изминатите 20 години наназад, во Охрид ќе се одржи долго очекуваниот и најавуван летен музички фестивал “Охридски трубадури – Охрид фест 2014”. Оваа година кога всушност ќе се одржи 21-то издание на ова музичко случување, специјализираниот македонски музички портал Музика24 како еден од ексклузивните медиумски покровители, Ви ги пренесува новостите кои оваа година го пратат овој фестивал.

Една од новините е тоа што новиот директор на поп вечерта на реномираниот музички фестивал “Охридски трубадури – Охрид фест 2014” е Александар Блажевски познат уредник и тв водител, кој да потсетиме имаше можност шест години да се дружи и да биде дел од овој музички фестивал. А откако минатата недела објавивме дека на овогодинешното издание на “Охридски трубадури – Охрид фест 2014” ќе настапат словенечките реномирани музички имиња Хелена Благне, Нуша Деренда и Тинкара Ковач, време е за уште едно изненадување. Ова доаѓа од нашиот јужен сосед и се чита Надја Захор. Станува збор за популарна грчка пејачка, која воедно се потпишува и како композитор и текстописец, пишува текстови и пее на четири различни јазици: грчки, англиски, хинду и пунџаби. Позната е по карактеристичниот звук и боливудскиот шарм. Покрај музиката Захор држи часови по боливудски танци. Во 2008-та сними дуетска песна со бугарската поп–фолк ѕвезда Преслава насловена “Мојот љубовник”, која беше прогласена за најслушана песна во Бугарија за таа година. Во 2009-та на “Охридски трубадури – Охрид фест” ја освои наградата за сценски настап. Оваа година ќе настапи на интернационалната вечер на 23-ти август и ќе пее на англиски и хинду јазик. Со што ќе се запише во историјата на фестивалот како првиот изведувач кој пеел на хинду јазик.

Освен овие музички имиња, Интернационалната вечер на “Охрид фест” ќе биде збогатена за уште две звучни имиња. Станува збор за Устата од Бугарија и Аристос Константину од Кипар кои на 23-ти август, во дует ќе настапат пред македонската публика на охридскиот кеј. Интересен спој на рнб и традиционален грчки мелос насловен “Искушение”, кој самите артисти го опишаа како “денс парче со љубовен текст”. Интересно е што во видеозаписот се појавува Miss Playmate 2009-та Златка Димитрова.

Овогодинешното издание на “Охрид фест” ќе се одржи од 20-ти до 23-ти август на стандардната локација на охридската ривиера. Она што е нестандардно, но секако пријатно да се слушне  е веста дека фестивалот за прв пат ќе го пренесува и Турската радио телевизија ТРТ. Турскиот национален сервис чиј аудиториум се брои во милиони е само уште една потврда за се поголемата масовност и популарност на фестивалскиот бренд “Охрид фест” кој годинава го живее своето 21 издание. Освен овој познат тв сервис, “Охрид фест” ќе го пренесуваат и уште 11 странски тв станици, меѓу кои и националната ТВ Шансона од Русија. Што доволно говори за квалитетот и реномето на фестивалот.

21-то издание на “Охрид фест” почнува на 20-ти август со “Чунга Лунга” детската вечер, а потоа следуваат фолк и поп вечерта, за да на 23-ти август фестивалот го заокружи интернационалната вечер.

Подготви: Магдалена Атанасовска

Можеби ќе ве интересира: