Како општина која во делот на транспарентноста и отчетноста е на врвот во земјава и овој пат Општина Битола ги информира граѓаните за средствата, со кои беа поддржани досегашните културни настани во текот на оваа година.
Со 600.000 денари се подржани трите концерти на Авалон Продукција (Амира Медуњанин, Дарко Рундек, Жељко Бебек). Концертот на Петар Грашо е подржан со 500.000 денари, а концертот на Камерниот оркестар на Битола со 150.000 денари. Гледајќи ги сумите со кои се подржани четирите големи концерти ова лето во Хераклеа, се поставува прашањето: зошто еден организатор за три концерти добил 600.000 денари, а друг организатор за само еден концерт добил 500.000 денари ?!
Традиционалните битолски фестивали исто така се подржани: “Локум фест” (120.000 денари), “Илинденски денови” (200.000 денари), Џез фестивал (100.000 денари), “Битола отворен град” (600.000 денари), Фестивалот “Браќа Манаки” (220.000 денари), Мал битолски монмартр (150.000 денари), Фестивал на музика и вино (300.000 денари). Од споменатите фестивали, за фестивалот на музика и вино не се знае многу помеѓу битолчани, а добил повисока сума од најреномираните фестивали во Битола. Овој фестивал постои 3 години, оваа година сеуште не се одржал и нема податок кога ќе се одржи.
Исто така подржани се и концертот на детскиот музички фестивал “Тра-ла-ла” со камерен оркестар (150.000 денари), електронска верзија на “Незаборав” со 156.000 денари, одбележувањето на денот на младите со 120.000 денари, “Триста” со 28.000 денари и МНД – Битола кои добиле 375.000 денари за одбележувањето на 60 години од своето постоење.
