Во прв ред

Дали сакате да учествувате во освојување на нов светски гинисов рекорд?

Дали сакате да бидете дел и лично да учествувате во освојување на новиот светски рекорд во најголемиот фолк танц во светот? Доколку одговорот е ДА, тогаш дознајте како и на кој начин може да го направите тоа.

Сегашниот гинисов рекорд на најголемиот фолк танц во светот го држат кинезите со 17.200 учесници, од 2009-та година. Пред нив рекордот го држеше нашиот јужен сосед со оро со 1.200 учесници. Целта е да се надмине овој рекорд со оро во кое ќе заиграат 18.000 учесници.

Иницијатори за поставување нов гинисов светски рекорд во број на учесници во едно оро се НУ “Танец”, Ансамбл за народни игри и песни на Македонија и НВО “Скопско туристичко лето”. За таа цел настанот е пријавен до комисијата на Гинисовата книга на рекорди и ќе биде обезбеден мониторинг од нивни судии, за рекордот да влезе во новото издание на книгата за 2014-та година.

Најголемото оро во светот се организира за 26-ти април, односно, последната сабота во месецот и тоа да се протегне од Охрид до Струга, по стариот пат чија должина изнесува 14,2 км. Орото би се започнало напладне и би траело 8-10 минути. Со овој масовен настан би го означиле и почетокот на туристичката сезона во овој наш туристички најразвиен регион.

Организаторите велат дека учесници ќе бидат:

  • Во Република Македонија се регистрирани 70 културно-уметнички, фоклорни друштва. Вкупниот број на нивните членови е преку 5.000 и наидовме на максимален одзив од нивна страна ;
  • Локалното население ќе биде ангажирано исто така со околу 5.000 учесници ;
  • Останатите 8.000 учесници се поканети преку многуте спортски и рекреативни клубови, разни граѓански здруженија, училишта, факултети и тн.

Учесниците во освојувањето на новиот светски рекорд во најголемиот фолк танц во светот, од фолклорните друштва ќе бидат облечени во народни носии, додека, за другите учесници ќе бидат обезбедени црвени и жолти маици со логото на настанот. Организаторите велат дека сите учесници на крајот ќе добијат симболичен сертификат со сериски број, со кој и за потребите на судиите на гинис ќе биде прикажан вкупниот број на учесници.

Со оглед дека настанот има граѓански карактер, а освен соборувањето на рекордот целта е и да ја прикажеме Македонија како современа мултиетничка демократска земја, организаторите повикуваат на широк одзив на учесници, без оглед на нивното потекло, национална, верска или друга определба.

За оваа цел, под мотото “Цела Македонија – едно оро”, тие обезбедуваат:

  • Превоз за сите учесници, со автобуси
  • Безбедносни мерки: прва помош, полициски надзор и противпожани екипи

Секој граѓанин е поканет да учествува. Информациите за местата на пунктовите за пријавување ќе бидат објавувани по нивното поставување.

Подготви: Елена Ивановска

Можеби ќе ве интересира: