Само неколку недели по објавувањето на трите нови песни, кои брзо станаа едни од најслушаните во Србија и низ регионот, Јелена Карлеуша повторно се најде во центарот на вниманието – овојпат поради петиција за откажување на нејзиниот концерт во Скопје.
Настапот е закажан за 17 октомври во арената „Јане Сандански“, а на социјалните мрежи се појави иницијатива со која се бара негово откажување. Авторите на петицијата тврдат дека причината е наводна промоција на сатанизам и навреда на религиозните чувства. Сепак, иницијативата предизвика сосема поинаква реакција кај голем број корисници. Под објавата се појавија десетици коментари со поддршка за српската музичка ѕвезда, а многумина сметаат дека концертот не треба да биде доведен во прашање.
„Македонците ја сакаат Карлеуша“, „Нема причина концертот да се откаже“, „Добредојдена е во Скопје“, „Наместо забрана – сакаме уште концерти“, се само дел од коментарите што доминираат на социјалните мрежи.
Јелена Карлеуша засега јавно не се огласила по повод петицијата, иако, според српските медиуми, ѝ било побарано мислење.
Ова не е првпат пејачката да се соочи со слични иницијативи. Во изминатите години беа покренувани петиции против нејзини настапи во Сараево, Крагуевац, Суботица, Кикинда и Сомбор. Во дел од случаите концертите беа откажани, додека во други сепак се одржаа пред бројна публика. Останува да се види дали актуелната иницијатива ќе има какво било влијание врз концертот во Скопје, кој во моментов останува закажан за 17 октомври. Засега нема официјална информација од организаторите за евентуални промени, а интересот на публиката за настапот останува голем.
Текстот го подготви: Редакција Музика24
