Во прв ред

По одложувањето, концертот на „10-те бузуки на Домниа“ ќе се одржи на 6 август во Хераклеја (Фото)

По краткото одложување, љубителите на грчката традиционална музика конечно ќе имаат можност да уживаат во настапот на еден од најатрактивните ансамбли од Грција. Организаторите соопштија дека концертот на „10-те бузуки на Домниа“, кој е дел од програмата на Локум фест 2026 во рамките на Бит фест, ќе се одржи на 6 август на сцената во Хераклеја, со почеток во 20:00 часот.

Публиката ја очекува вечер исполнета со автентични грчки мелодии, виртуозни изведби на бузуки и богата музичка атмосфера која ветува незаборавно доживување под отворено небо. Доколку временските услови не дозволат концертот да се одржи во Хераклеја, организаторите информираат дека настанот ќе биде префрлен во Центарот за култура – Битола, без промена на терминот.

Влезниците се достапни по цена од 600 денари, онлајн преку платформата karti.com.mk, како и на билетарата во Хераклеја на самиот ден на концертот.

Воедно, организаторите ги известуваат сите посетители кои претходно купиле влезници или добиле ваучери за првично закажаниот термин дека тие остануваат целосно важечки и ќе можат без дополнителни процедури да ги искористат за концертот на 6 август.

Организаторите ги покануваат сите љубители на добрата музика да бидат дел од оваа уникатна концертна вечер, која ќе донесе дел од духот на Грција во срцето на Битола.

Текстот го подготви: Редакција Музика24

Можеби ќе ве интересира: