Во прв ред

По спектаклот со Лозано и Таско Културно лето во Кисела Вода продолжува: Вечерва 2Bona и Voyage го освојуваат Расадник (Фото+Видео)

Расадник и синоќа пулсираше во ритамот на музиката. Илјадници посетители ја исполнија локацијата и уживаа во втората вечер од манифестацијата „Културно лето“ во Општина Кисела Вода, која уште еднаш покажа дека е едно од најпосетените летни случувања во главниот град.

Вечерта започна со одличната атмосфера што ја создаде ДЈ Марио Трампет, по што следуваше настапот на Влатко Миладиновски, кој со своите безвременски народни хитови ја разигра публиката. Еден од најочекуваните моменти беше концертот на Лозано, кој уште еднаш потврди дека е меѓу најголемите македонски поп-имиња, додека Таско ја заокружи вечерта со енергичен настап и современ урбан звук. Различни музички жанрови, различни генерации и една заедничка емоција – добра музика и незаборавна атмосфера. Токму тоа беше најсилната порака од втората фестивалска вечер, која уште еднаш докажа дека кога на сцената се домашните музички ѕвезди, жанровските граници исчезнуваат.

Покрај музичката програма, денот беше исполнет и со хуманост. Во паркот „Шопен“ се одржа традиционалната Коријада во организација на Здружението на пензионери од Кисела Вода, каде посетителите имаа можност да купат домашни печива и уникатни ракотворби изработени од деца со посебни образовни потреби. Собраните средства ќе бидат донирани за семејствата погодени од елементарни непогоди, испраќајќи силна порака дека заедништвото и солидарноста се составен дел од оваа манифестација.

Но, забавата продолжува.

Вечерва (недела, 28 јуни), од 20 часот, Расадник повторно ќе биде местото каде ќе се собере публиката од сите генерации. Програмата започнува со настапи на млади локални бендови, по што атмосферата ќе ја загреваат ДЈ Марио Трампет и ДЈ Доријан. Кулминацијата на вечерта ќе ја донесат македонското хип-хоп дуо 2Bona и една од најголемите балкански музички ѕвезди на новата генерација – Voyage, чии хитови со милионски прегледи ветуваат уште една вечер исполнета со силна енергија, спектакуларна атмосфера и незаборавна забава.

Културното лето во Кисела Вода продолжува со истото темпо – богата програма, врвни изведувачи и публика која секоја вечер испишува нови убави спомени.

Текстот го подготви: Редакција Музика24

Можеби ќе ве интересира: