На 21-ви септември минатата година на интернет просторот се појави еден навидум нов, но сосема интересен и забавен интернет портал, “Свет Австралија”. Многумина ќе речат каква е поврзаноста со Македонија, но на овој портал освен забавни и естрадни информации од Балканот и светот, може да се прочитаат и информации од македонската музичка сцена и се она што тоа го покрива.
Тоа не би било тоа да не е нашата колешка и уредничка од Македонија за овој интернет портал, познатат естрадна новинарка Билјана Крнческа која ги покрива речиси сите музичко-забавни настани кои се случуваат во нашата држава, во Република Македонија.
“Мора да признам дека сум многу пријатно изненадена од овој ваш гест и воедно да го изразам моето задоволство за соработката со колегите – новинари од сајтот “Музика 24”. Во денешно време се помалку може да се сретне колегијалност меѓу новинарите и токму затоа ова е за мене своевидна привилегија и за тоа ви благодарам на вниманието. Што се однесува до едногодишното искуство со порталот “Свет – Аустралија” моите впечатоци досега се одлични. Соработувам со професионалци од “стар ков” кои новинарството го имаат во малиот прст, а воедно се препознатливи и по својот либерален и демократски дух што е особено важен во креирањето на вестите. Немам апсолутно никакви ограничувања кога е во прашање личниот избор на теми и начинот на нивна обработка. Мојата индивидуалност и стил е она по што ме препознаваат читателите, а за се да биде така опуштено и спонтано најзаслужен е главниот и одговорен уредник Раде Берак на кој и во оваа прилика му се заблагодарувам за довербата. Неговата визија пред една година ни изгледаше како убава идеја која еве сега после првиот роденден донесе солидни резултати во секоја смисла. Раде е човек кој доста интуитивно ги бира соработниците и при тоа има големо професионално искуство кое му помогна дури од Австралија да креира сајт во кој сите бивши ју републики ќе бидат рамноправно застапени и при тоа ќе важи за релевантно гласило кое не шпекулира туку се држи до фактите и ги прати сите актуелни случувања, но истовремено критикува, анализира и актуелизира. Наша свера е естрадата но, не ретко се впуштаме доста самоуверено во сродните области како што е генерално културата, гастрономијата, понекогаш сме пропратиле и некои спортски случувања, така што и во таа смисла не сме строго ограничени само и исклучиво на естрадата. Овој концепт мене посебно ми се допаѓа затоа што често е поинспиративен и дозволува можност да опфатиме повеќе теми, повеќе личности. Она што посебно во оваа година би издвоила е одличната соработка со македонската естрада која сесрдно и многу наклонето од старт ни подаде рака, и се разбира најголема благодараност упатувам до јавноста, читателите и публиката кои не поддржаа и ни ги изразија своите симпатии…Со оглед на тоа што Раде е визионер верувам дека тој веќе има нови планови и идеи, а моја лична желба е нашиот сајт да добие и студиска форма која ќе има видео формат па така читателите ќе може да станат наши гледачи”, изјави Билјана Крнческа, уредничка на “Свет Австралија” за Република Македонија.

Освен Билјана како наша блиска колешка, уредничка на “Свет Австралија” и блиска пријателка, на овој интернет портал кој пред само неколку дена прослави 1 година од своето постоење пишуваат и голем број на новинари и уредници ширум Балканот, а како Главен и одговрен уредник и сопственик на овој веќе познат портал “Свет Австралија” е познатиот Раде Берак кој своевремено бил познат новинар во времето на поранешна Југославија.
