Останува уште само една недела до еден од најочекуваните музички настани ова лето во Македонија. На 21 август, по едно одлагање, легендарниот Владо Георгиев – Барба конечно ќе настапи во магичниот амбиент на античкиот локалитет Хераклеја во Битола.
Интересот за концертот не стивнува, напротив – побарувачката за влезници е сè уште голема, особено поради тоа што ова ќе биде единствениот концерт на Владо Георгиев во Македонија ова лето.
Дополнителна возбуда предизвикаа и неодамнешните два спектакуларни концерти на Канли Кула во Херцег Нови, кои станаа вистински хит на социјалните мрежи. Посебен момент беше појавувањето на најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ, кој се качи на сцената и заедно со Владо ја испеа култната „Тропски бар“, предизвикувајќи овации кај илјадниците посетители. Сега, истата енергија и незаборавна атмосфера се очекуваат и во Битола. Публиката ќе има можност да ужива во повеќе од три часа музика, исполнети со безвременските хитови „Анђеле“, „Једина“, „Све си ми ти“, „Збогом љубави“, „Искрено“, „Жена без имена“, како и многу други песни што со години ја освојуваат публиката низ целиот регион.
Познат по тоа што секој негов концерт е различен, Владо Георгиев и овојпат подготвува неколку музички изненадувања, а љубителите на неговата музика ги очекува вечер исполнета со емоции, романтика и вистински боемски дух.
Преостанатиот ограничен број влезници може да се набави во „Портал 2 Кафе“, „Димпо Тобако“, како и преку платформите ddtickets.com и ddtickets.mk.
Текстот го подготви: Редакција Музика24
