Петокот, 22 Ноември беше резервиран за долгонајавуваниот и очекуван спектакуларен концерт на одличната, позитивна, секогаш насмеана, сексипилна и професионална Александра Пријовиќ. Спортската арена „Јане Сандански” во Скопје никогаш досега не била така преполна од млади и убави лица кои со нетрпение го очекуваа почетокот на концертот.

А таа пак, во преубав припиен светкав фустан се појави на сцената и концертот го започна со одличната и хит песната „За нас касно је” или попозната како „Од истока до запада”, како што и всушност е насловена целата турнеја. Сите телефони беа вперени кон неа, а присутните играа, се забавуваа и едноставно уживаа во вечерта. Песните се пееја во еден здив, целата сала ечеше со хитовите од ѕвездата на вечерта – Александра Пријовиќ. А веднаш по поздравот кон публиката „Добро вечер Скопје”, концертот продолжи со веќе добро познатите хитови: „Легитимно”, „Ја сам одлично”, „Све по старом”, „Девет живота”, „Богата сиротиња”, „Плацебо”… и уште многу други хит песни кои се редеа една по друга.

„Македонско девојче” беше песната со која што Пријовиќ ја поздрави присутната македонска публика, а веднаш потоа на сцената и се придружи и единствената македонска музичка гостинка Тамара Тодевска која ја допеа нашата позната македонска народна песна, а отпеа уште неколку свои песни на кои публиката секако одлично изреагира и заедно ги пееше од почеток до самиот крај.

Во вториот дел од концертот, Пријовиќ се појави со елегантни високи чизми над колена, во провокативно тигресто трико и црна кожна јакна. На сцената таа беше совршена каде продолжи да ги исполнува своите најголеми хитови. Поради нашата местоположба и забраната да се движиме напред пред самата бина или во делот каде што македонските организатори „Хангар” ги пропуштаа сите освен нас новинарите, не сме во можност да ви прикажеме фотографија или добро снимено видео.
Кон крајот на концертот, Пријовиќ уште еднаш ги отпеа рефрените од своите најпознати песни, а како што започна така и заврши со песната „За нас касно је”.

А кога сме пак кај организаторите, ние навистина не знаеме кои се „Хангар”, но така лошо однесување и третирање на новинарите ниту некогаш имало ниту мислиме дека ќе има. Тоа беше „ДНО ДНА”.
На неколку наврати разговаравме и со менаџерот на Пријовиќ кој дали не не разбра што и како говориме или не сакаше да не разбере, само ладнокрвно ни рече бидете тука и едноставно исчезна, за повторно да се појави кога заврши концертот за да не спроведе нас новинарите во прес центарот каде што и беше закажана прес-конференцијата.

За големата неинформираност и медиумска незаинтересираност за концертот на Александра Пријовиќ, никој не е виновен освен „Хангар” кои беа недостапни за нас новинарите и медиумските куќи.
По завршувањето на концертот имаше најавено прес-конференција, што од една страна е чудно за нас медиумите во Македонија, но сепак, главниот збор го имаа менаџерскиот тим и самите организатори. По краток период Александра Пријовиќ се појави на пресот каде најверојатно беше изненадена од малиот број на заинтересирани новинари и медиуми, па наместо да седне на главната маса таа самата посака и седна до сите нас. Природна, едностана, нежна, пријатна, насмеана и едноставно обична… пред се таа се извини за настанатите проблеми и недоразбирања во врска со она што се случуваше за време на концертот и за третменот кој новинарите кои навистина бурно реагиравме, што реално и не беше нејзина работа, но… потоа, разговараше со нас и за впечатоците од концертот и за се она што нас не интересираше.

„Вечерва и самите видовте како поминавме и како беше.Со години јас доаѓав во Македонија и очекував многу од македонската публика, а вечерва добив и повеќе од она што го очекував. Од секогаш ме водат емоциите и љубовта во она што го работам”, изјави Алекдандра Пријовиќ. Таа за време на концертот ги имаше најдобрите музичари позади себе, во врска со сето тоа таа го кажа следново:
„Јас сум навистина горда на својот бенд. Тие се вистински професионалци. Многу концерти имаме заедно поминато и слободно можам да кажам дека ниту една грешка до сега немаше од нивна страна. Тие секогаш до сега беа на висина од својата задача. Уште еднаш сакам да споменам дека она што се случи вечерва беше навистина посебно, беше навистина преубаво и вредеше што долго време го чекав датумот за овој концерт. Со овој концерт не завршува турнејата, има уште неколку концерти а последниот од нив како шлаг на јаготката ќе се одржи на 22 декември, кон крајот на оваа 2024-та година”, додаде Пријовиќ.

За гостувањето на единствената македонска пејачка на концертот Тамара Тодевска, Пријовиќ кажа дека е навистина неверојатен вокал и дека додека траела кратката пауза и додека го менувала својот аутфит слушајќи ја едноставно кажала: „Господе, како оваа жена пее. Зар е ова реално”. А потоа, како што и самата таа изјави, никогаш не е исклучена соработка со македонски композитори и музичари, но на крајот од денот коцките ќе се склопат токму онака како што треба.

„Има многу македонски песни кои многу ми се допаѓаат. Неможам некоја посебно да издвојам. Многу пати ме имаат прашано која е мојата омилена песна, на пример кога одам во кафеана, седам дома и слушам музика или слично, секогаш ми е тешко да ја одберам музиката или песната која што во тој момент ќе ја слушам. Генерално, јас сум многу специфична кога станува збор за музиката… јас сакам и го слушам секој жарн на музика, и многу убави песни од тој жарн на музика така што многу ми е тешко да се одлучам и да одберам која е мојата омилена песна или музика што ја слушам”, кажа Пријовиќ. И воедно ни откри дека за дочекот на Новата 2025-та година ќе биде со својата публика во Златибор, а за репризата на Новата година во Бар.
На крајот од денот, помина уште една позната балканска музичка ѕвезда која направи успешен и спектакуларен концерт во Скопје, но ретко кој има од нив има емотивни и љубовни балади како што е Александра Пријовиќ.
До следното нејзино гостување во Скопје и уживање во нејзините песните и концерт, погледнете го видеото кое го подготви екипата на музичкиот портал Музика24.
Подготви: Иван Јосимовски
