Празничниот џез концерт “Приказна за еден град” ќе се одржи во Центар за култура – Битола на 26-ти декември со почеток во 20.30 часот. Специјален гостин на концертот ќе биде Џон Илија Апелгрин.
“Годинава која ја оставаме зад нас дишевме заедно со градот, со неговите секојдневни приказни кои се нижеа, од понеделник до петок, од сабота до недела, од пролет до лето, од празник до празник. И сите секојдневно со личните желби и соништа, но и со сонот за поубав град, за Битола полна со надеж во воздухот, за почисти мисли и почист град, за бескраен ланец од насмевки кои ќе почне да испишува нови приказни. Некои беа гласни, некои тивко се согласуваа, некои негодуваа, но сите со нашите приказни, сите со нашите желби испреплетивме уште една година. Ние бевме колекционери на сите приказни истите ги претворивме во ноти, кои во предвечерието на Новата година ќе ја споделиме со вас, за да биде наша заедничка желба, кон која посветено ќе работиме наредната година. Заедно со Божиновски часовници и накит и Jazzna & Friends на плоштадот “Музика” ќе ја раскажеме приказната за еден град, ќе го замислиме плоштадот “Желба” од каде со чисти мисли ќе почнеме да плетиме нови секојдневни приказни, од понеделник до петок, од сабота до недела, од недела до бесконечноста”, соопштија организаторите.
Билетите за празничниот џез концерт ќе бидат пуштени од вторник 17-ти декември на билетарата на Џентарот за култура во Битола.
