Во прв ред

Предновогодишно расположение во Штип

Годината полека, но сигурно одминува. Ни останува само малку време да ги сублимираме сите настани, добрите да ги паметиме, а лошите да ги заборавиме и да чекаме стрелките од часовникот да се спојат за да започнеме нова уште поубава година. Оваа година ќе се памети по многуте луди забави и непроспиени ноќи, по многу гостувања на музичките ѕвезди од нашата естрада, но и многу наши и странски DJ-и, по “Summer Beach Festival”, по “Пастрмајлијадата”, по “Макфест”.

Иако целата таа еуфорија, во споредба со претходните години е на пониско ниво, сепак добар дел од штипјани знаат да се забавуваат. Со причина повеќе, последните неколку денови атмосферата се вжештува… Во средата за прв пат беше организиран студентски новогодишен бал. Гостуваа ПМ, а организатор беше студентскиот парламент на Универзитетот “Гоце Делчев”.

Во клубот “Mystic”, Емил Арсов направи студентска забава вредна за паметење, впрочем таа беше и последната за оваа година. Овде во саботата гостуваа Браво Бенд, а со нив никој никогаш нема да се покае зошто доцна легнал, а во неделата на истото место беа Дуле и Коки. Последниве ноќи беа како генерална проба за дочекот на 2013.

Во “Angels café” во неделата гостуваа Duo Flash, а тие своето гостување ќе го продолжат и во наредниот ден.

Во Штип дочек за Новата Година се организира речиси секаде, во сите локали. Во дискотеките ќе гостуваат DJ-и. Цените во споредба со претходната година се намалени. Како новитет е тоа што пиењето не е вклучено воопшто во цената, а некаде тоа е ограничено. Цените се движат од 600 до 2500 денари во зависност од Вашите вкусови и барања или очекувања.

На Плоштадот никогаш и не се организирало забава, што можеби претставува недостаток. На крај и не е важно каде сте, туку со кого, а исто така важно е да си поминете незаборавно, а не да се вратите дома разочарани и да се прашувате дали таа ноќ толку вреди.

За оние што дочекот ќе им претставува мала доза забава и ќе сакаат уште, тоа ќе можат да си го овозможат на 01.01 во 2013-та. Во “Angels café”, No End ќе се погрижат за добрата забава, а во “Nova café” оваа обврска му е доделена на минатогодишниот победник на Макфест, Зоран Илиев.

Ако Ви се допаѓа концептот за дочекот, Вашиот избор нека биде токму овде, во Штип. Тимот на Музика24 од Штип Ви посакува Новата 2013-та да Ви биде преполна со здравје, радост, среќа, љубов и многу музика.

Подготви: Сања Неткова

Можеби ќе ве интересира: