Додека најголем акцент за време на празникот Велики Поклади – Прочка во Прилеп се става на тардиционалниот карневал Прочка се забораваат и останатите музички забави во Прилеп и неговата околина. На самиот ден Прочка на летната сцена од Центарот за култура „Марко Цепенков“ се одржа и забава за оние љубители на поп и рок музиката. Присутните на летната сцена ги забавуваше новоформираната група која се занимава со поп-рок музика „Кнап“.
Ана Цветаноска, вокалот на „Кнап“ за музичкиот портал Музика24 вели дека немаат договор за тоа што ќе свират и дека едноставно изборот и жанрот на музика им дошол по природен пат од музиката која тие самите ја слушаат во слободно време.
„Немавме никаков догвор за тоа што ќе свириме. Едноставно поради музиката која што ја слушаме почнавме да ги свириме овие песни. Природно ни дојде изворот на песни и жанрот на музика. Пробуваме малку „фанк“ да мешаме. Како група овој вид на музика на некој начин не зближува“, вели Ана Цветаноска, вокалот на прилепски „Кнап“.

Цветаноска за првото пласирање и првиот настап како група кои го имаа во месец декември 2025 година во прилепскиот клуб „Калинка“ вели дека имале доста трема и адреналин, а со тоа тие како новоформирана музичка група заклучиле дека најбитно од се е нивната публика да се чувствува убаво.
„Чувството за пласирање на новоформирана музичка група да се пласира на македонската музичка сцена е доста нервозно. Има доста еуфорија, трема, адреналин иако, имаш малку страв дека нешто ќе замине настрана со озвучување или со некоја песна. Заклучивме дека е најбитно ние да си поминеме убаво и публиката да се чувствува убаво“, додава Ана Цветаноска, вокалот на групата.
Имено, Цветаноска вели и дека тие како група се фокусирани повеќе на македонската музика, а посебно на добро познатата и призната македонска музичка група Дупер.
„Моментално многу сме фокусирани на групата Дупер и на македонската музика. Сакаме да направиме некакви преработки на Кем, на Фикшн. Како група ги сакаме македонските модерни бендови. Сакаме нивната музика да се покаже во јавноста зашто сите знаеме дека познатите англиски песни сите ги знаат. Бендовите како Дупер сакаме да се покажат и овде и на друго место“, рече Ана Цветаноска, вокалот на „Кнап“.
Инаку, оваа прилепска музичка група е формирана во месец декември 2025 година, првиот, а воедно и промотивен настап го имаа во клубот „Калинка“ во старата прилепска чаршија. „Кнап“ е во состав на Ана Цветаноска (вокал), Стефан Самарџиоски (тапани), Леонид Насески (синтисајзер), Леонид Гешоски (гитара) и Димитар Колевски (бас гитара).
Од Прилеп за Музика24 известува: Христијан Ангелески
