Сараевскиот бенд „Црвена јабука“, еден од најголемите симболи на балканската поп-рок сцена, ќе одбележи четири децении постоење со голем јубилеен концерт во Скопје. Настанот е закажан за 29-ти ноември во салата „Борис Трајковски“, во организација на продукција „Прагма“.
Формиран во 1985 година од харизматичниот вокал Дражен Ричл – Зијо и гитаристот Златко Арсланагиќ – Злаја, бендот брзо стана дел од музичката историја на тогашна Југославија. Дебитантскиот албум „Црвена јабука“ од 1986 година уште тогаш ја навести големината на групата, а неговата обвивка предизвика вистински скандал со својата провокативност.
Септември истата година беше трагичен за „Црвена јабука“ – сообраќајна несреќа на патот кон Мостар им го одзеде животот на басистот Аљоша Буха, а неколку дена подоцна почина и фронтменот Дражен Ричл. Иако тагата беше огромна, бендот во 1987 се врати на сцената со албум посветен на загинатите членови, а пејачката палка ја презеде Дражен Жериќ – Жера, кој и денес е синоним за бендот.
Во изминатите 40 години, „Црвена јабука“ објави 19 студиски албуми, создаде безвременски хитови и ја задржа својата публика низ целиот регион и во дијаспората. „Она што се менува се првите редови. Старите фанови и денес се тука, но со нив доаѓаат и нови генерации што создаваат уште повесела атмосфера“, вели Жера.
Публиката во Скопје на 29-ти ноември ќе има ретка прилика да отпатува низ времето со хитовите кои ја обележаа младоста на повеќе генерации – од „За све ове године“ и „Дирлија“ до „Бјежи кишо с прозора“ и „Тамо где љубав почиње“.
Билетите за концертот се веќе пуштени во продажба преку мрежата на Купи карта.
