Во прв ред

Сергеј Четковиќ во Македонска филхармонија: Емотивна вечер исполнета со љубов, солзи и аплаузи (Фото)

Емотивен и интимен спектакл приреди балканската музичка ѕвезда Сергеј Четковиќ синоќа во преполнетата сала на Македонска филхармонија во Скопје. Првиот од двата долгоочекувани концерти ги исполни очекувањата на публиката и дури ги надмина, претворајќи ја вечерта во вистинско музичко патување исполнето со љубов, тага, спомени и среќа.

Концертот започна точно на време, откако салата полека се исполни со љубители на музиката на Четковиќ, кои со нетрпение го чекаа неговото појавување. И кога конечно излезе на сцена, публиката го поздрави со долг и топол аплауз. Првата песна – „Долазим“ – веднаш ја воспостави емоционалната атмосфера која ќе ја обележи целата вечер.

Следеа хитови како „Љубав није за сваког“, „Ако те није“, „Нек те љубав дочека“, „Нису ми дали да те волим“… – секоја од нив отпеана со длабока емоција и техничка прецизност која остави впечаток како да се слуша студиски запис, а не настап во живо.

Она што особено ја одбележа вечерта беше искрената и топла комуникација на Четковиќ со публиката. Тој не само што се пошегува неколку пати, раскажа неколку типично црногорски вицеви, туку и активно влезе во интеракција со присутните, разговарајќи и пеејќи директно со луѓето во првите редови.

Најемотивниот момент на вечерта несомнено беше кога тој слезе од сцената и влезе меѓу публиката – пеејќи и гушкајќи се со обожавателите, сликајќи се и подарувајќи внимание и топлина на сите што го чекаа токму овој миг. Некои од присутните не ги задржаа солзите – не од тага, туку од силната поврзаност со неговите песни кои зборуваат за љубов, болка, надеж и посветеност.

Како специјален музички гостин на концертот се појави одличната и секогаш совршена Елена Ристеска. Нејзиното присуство на сцената беше дочекано со громогласен аплауз, а хемијата меѓу неа и Сергеј беше очигледна уште од првиот момент. Заедно изведоа дуетска песна, внесувајќи длабока емоција и магија во Македонската филхармонија.

По заедничката изведба, Елена ја презеде сцената со нејзината емотивна и безвременска балада „Доживотно“, која уште еднаш ја потсети публиката на нејзиниот уникатен вокал и исклучителна изразност. Изведбата беше толку полна со чувство, што не остави ниту едно срце рамнодушно. Во публиката се чувствуваше тишина исполнета со восхит, додека емоцијата што ја носи оваа песна ја облеа салата како бран. Настапот на Елена беше совршен спој на сензибилитет и уметничка зрелост, кој само го збогати целокупното искуство на концертот.

Публиката не дозволи концертот да заврши лесно. По завршувањето на главниот дел од концертот, громогласниот и долг аплауз и извикување на неговото име, Сергеј се врати на сцената на барање на публиката и исполни уште неколку песни, меѓу кои и љубовната и емотивна „Ако те није пронашла љубав“, со која и ја заокружи оваа незаборавна ноќ.

„Ваква енергија одамна немам почувствувано на концерт,“ изјави Сергеј видно трогнат, и неколкупати им се заблагодари на присутните за љубовта и поддршката.

Концертот го снимаше Телевизија 24, со специјално избрана продукциска екипа. Како што беше најавено, истиот ќе биде емитуван на телевизија во периодот што следи, што ќе им овозможи и на оние кои не беа дел од оваа вечер – да ја доживеат атмосферата, барем виртуелно.

А за сите кои сè уште се под еуфорија, вториот концерт на Четковиќ е вечерва, повторно во Македонска филхармонија. За љубителите на летна романтика, најавен е и голем концерт на 3 август на Античкиот театар во Охрид, каде песните и емоциите ќе добијат ново значење под отворено небо и ѕвезди.

Подготви: Иван Јосимовски

Фото: Музика24

Можеби ќе ве интересира: