Во организација на Сојузот на композитори на Македонија – СОКОМ, на 24-ти ноември во Големата сала на Македонската филхармонија со почеток во 19 часот ќе се одржи долго најавуваниот концерт на Маестро Симон Трпчески и неговите пријатели.
Во ова тешко и кризно време за македонската уметност и култура, во рамки на 43-то издание на Денови на македонската музика во соработка со КултурОп со задоволство и огромна чест организаторите ве покануваат на уште еден одлично подготвен и совршено испланиран концерт.
Светски познатиот македонски пијанист, човекот кој ги освојува срцата на публиката со својата виртуозност, топлина и извонредна музикалност, по подолго време е повторно пред македонската публика, заедно со неговите пријатели, врвни македонски уметници, како Влатко Нушев, Илинка Велкова, Александар Стојчески, Владимир Крстев, Паскал Краповски, Гонца Богоромова, Иван Наумовски, Милена Арсовска и Шкељзен Бафтијари.
На програмата на ова вистинско доживување, експлозија од убавина, бројни светски и македонски премиери, се дела од Гоце Коларовски, Борјан Цанев, Димитрије Бужаровски, Панде Шахов, Александра Наумоски-Потиск, Томислав Зографски, Томе Манчев, Стојан Стојков, Фатос Лумани, Дарија Андовска и Александар Лековски.
Не заборавајте, концертот ќе се одржи на 24-ти ноември вторник, во Големата сала на Македонската филхармонија, со почеток во 19 часот. Организацијата ги запазува сите мерки и протоколи за заштита од Ковид-19.
