Балканскиот етно-фјужн фестивал “Локум фест – музика и традиција” продолжува со своето 14. издание кое во наредните три дена ќе се одржува во пациото на Н.У. Завод и Музеј-Битола. Фестивалот со целовечерен концерт ќе го отворат “Чалгија саунд систем”, утревечер ќе настапат “Баклава”, а ќе заврши со концерт на групата “Љубојна”.
“Инспирацијата на фестивалот е старата традиција во градот на конзулите, средби со кафе и локум. Се обидуваме да ја одржиме таа традиција, бидејќи е важна за нашето културно наследство, но и за заживување на културниот туризам во нашиот град”, истакна организаторот Тоше Ивановски во пресрет на вечерашниот почеток на 14-то издание нa “Локум фест” во Битола.
Фестивалот ќе се одржи со задолжително носење заштитни маски, бројот на влезници е ограничен, а посетителите треба да доаѓаат еден час порано пред секој концерт. Истиот е дел од националната програма на Министерство за култура, а е поддржан и од Општината Битола. Фестивалот се одржува традиционално во старата битолска чаршија. Годинава за првпат, поради пандемијата, се оддржува надвор од чаршијата.

