После навистина долго време, македонска музичка ѕвезда одржа концерт за кој се бараше и карта повеќе, и истовремено се покажа дека и со македонска музика која е изворна и од каде потекнуваат нашите корени може да се наполни сала, и да се одржи емотивен и до перфекција организиран концерт.
Лени Партикова вчера вечер во Домот на културата „Иљо Антески-Смок“ во Тетово им покажа на сите колеги како тоа вистински се прави.

Но да започнеме од почеток. После одличната и неколку месечна најава за овој голем и прв солистички концерт на оваа наша македонска музичка ѕвезда, дојде и тој ден 30-ти март кога и беше најавен долгоочекуваниот, а и долгоорганизиран концерт кој со нетрпение сите го очекуваа. И за разлика од останатите македонски музички имиња кои кога организираат било каков настан, концерт или промоција во друг град нас новинарите не не покануваат или тоа го прават ради реда, Лени со својот организациски тим нас новинарите одлично не пречека. Со превоз организиран само за нас, пред и по концертот бевме тие кои беа на прво место. И покрај тоа што бевме неколку новинарски екипи (додека останатите медиуми селективно се однесуваа), оваа позната македонска музичка ѕвезда покажа како треба да се однесува кон седмата сила. Вистински професионалец.
Околу 19 часот и 30 минути започна првиот солистички концерт на Лени Партикова. На сцената се појави групата „Круна“ со која и започна концертот. А веднаш потоа се појави младата и неочекувано добра водителка Милена Илиовска која е поетеса и книжевник и која всушност го даде воведниот дел и меѓудругото прочита авторска емотивна песна посветна на нашата Македонија. Заслужено аплаудираше преполнетата сала на „Иљо Антески-Смок“, за веднаш потоа со зурли и тапани на сцената се појави ѕвездата на вечерта, Лени Партикова, која концертот го започна со песната „Запејте сите ангели“. Емоции кои може само да се доживеат, тука нема прераскажување.

Концертот продолжи со македонски народни песни, односно, како што и самата турнеја го носи насловот: „Корените македонски да не се заборават“. Па така се редеа одличните и незаборавни „На срце ми лежи“, „Лено мори“, „Ој Вардаре Македонски“, „Сношти сакав да ти дојдам“… а освен овие, Лени отпеа и дел од својот репертоар на песни меѓу кои беа „Златни бурми венчани“ – песна посветена на својот сопругот Жарко, „Марија, мајко моја“ – песна посветена на Мајка Богородица и најзината мајка Марија, како и „Спомени“, „Чуден сон“, „Македонија“… и многу други.
Освен Лени како главна ѕвезда на вечерта, на сцената се појави и КУД „Шара“ од Тетово кои иако постојат од 2023-та сепак на сцената покаа дека се вистински професионалци и дека знаат, умеат и сакаат да го зачуваат македонското во својот корен.
Некаде кон крајот на концертот Партикова отпеа дуети со своите гости кои пак потоа отпеаа по една-две песни од својот репертоар. Тука ќе ги споменеме Раде Младеновски со кој Лени ја отпеа песната „Ајде Македонијо“, Орде Неделковски со кој Лени ја отпеа „Благуно дејче“, Флори Манев каде заедно на сцената ја отпеаа „Лажи лажи Вере“ и одличната и секогаш позитивна и енергична Благица Павловска со која што заедно на сцената ја отпеаа незаборавната „Џумбуш голем џумбуш“.
Интересно е тоа што за целовреметраење на концертот Лени се пресоблече три пати и тоа во три преубави фустани дизајнирани од страна на познатиот македонски дизајнер Златко Јовановски, кој патем живее и работи во Тетово и беше дел од вчерашниот концерт.

Како и што доликува за ваков голем концерт, на самиот крај од истиот Лени ги повика сите музички гости да излезат на сцената и заедно да ја отпеат одличната и неофицијална македонска химна „Заветна“.
Со завршувањето на овој концерт не завршува и турнејата која е планирана за Македонија, но и за надвор од неа. Следен концерт кој што може македонската публика да го очекува е концертот во Скопје кој веќе од денес се подготвува и ќе се одржи кон средината на месец мај, најдоцна почетокот на месец јуни. Лени преголема благодарност упати и до нејзиниот втор татко – човекот како што сама вели многу и помогнал во музичката кариера Горан Милошески кој поради оправдани причини не беше дел од вечерашниот концерт, но вети дека во иднина се ќе направи тој да биде дел од нејзините концерти и турнеја.
И на крај на се мора да напоменеме, да не беше упорноста, издржливоста и желбата за одржување на концертот од страна на Жарко Ѓорѓески – сопруг на Лени, концертот можеби и никогаш немаше да се одржи или пак и да се одржеше, никогаш немаше да ја има онаа совршеност како она што го видовме ние вчера вечер.

Ова е уште една успешна македонска музичка приказна која што за жал се поретко ја гледаме. Но се надеваме дека наскоро се ќе се промени и ќе биде многу подобро и поинаку како за македонската музичка сцена така и за сите македонски музичари кои од срце и душа искрено го работат она – Корените македонски да не се заборават.
Подготви: Иван Јосимовски
