Во Младинскиот културен центар во петок, ќе се одржи концерт на музичките групи “The men” и “Нова генерација”. “The men” доаѓаат од културниот центар на светот, Бруклин – Њујорк, и важат за едни од најценетите пост-панк бендови на денешницата. Во Скопје доаѓаат во рамките на европската турнеја на која го промовираат својот нов, четврти албум по ред “New moon”.
Бендот е формиран во 2008-та година од страна на Nick Chiericozzi, Chris Hansel и Mark Perro, а пред да им се приклучи и тапанарот Rich Samis зад себе веќе имаа два одлични студиски албуми, “We are the men” и “Immaculada”. Подоцна се случува и третиот ултра успешен “Open your heart” албум, кој го издаваат за една од најценетите нови издавачки куќи Sacred Bones Records. Критиката одлично го прифати албумот и го оцени натпросечно. Четвртиот албум “New moon” излезе на 5-ти март оваа година, повторно за Sacred Bones Records. Како локална поддршка ќе настапат скопските нови деца “Нова Генерација”.
Бенд кој е директно инспириран од старите американски хардкор и треш бендови како “Black Flag”, “MDC”, “Minor Threat”, “Bad Brains”, “D.R.I”, “Suicidal Tendencies”. Билети за концертот по 250 денари се пуштени во продажба во Југотон и МКЦ, а на врата по 20 часот истите ќе чинат 300 денари. Ова е прв од низата настани кои ќе се оддржат како најава за престојниот “Здраво млади” фестивал, кој е закажан за 17- ти мај во МКЦ.
Подготви: Виолета Трајкоска
