Во прв ред

Успешен концерт на „Код 369″ во Скопје

Битолчаните „Код 369, после промоцијата на видео записот „Пеперутки”, настапија во Скопје, во МКЦ.

„Оваа сезона планираме концерти, работа на новите материјали и секако издавање на албумот, концертот во Скопје е само почеток на сето тоа”, истакнаа од Код.

Бендот е формиран во 2020 година, а претставува продолжение на долгогодишната музичка дејност на членовите на бендот „Памперс”. Во „Код 369″ членуваат Ирена Димовска (вокал), Даниел Митревски (гитара, придружни вокали), Иле Лулевски (тапани, придружни вокали) и Коста Стеваноски (бас-гитара, клавијатури).

Во музиката на „Код 369″ се внесени нови музички моменти на фанк, џез и класични инструментализации, кои проткајуваат во препознатливата рок-основа и влијанија на современата музика во домен на поп и рок. Нивната музичка мисла секогаш се наоѓа на границата помеѓу алтернативниот рок и комерцијалната рок и поп-музика, задржувајќи ја свежината, слободата и авангардните идеи на првата категорија и прифатливоста на втората.

Во текстовите на бендот се препознаваат универзалните човекови и книжевни вредности, љубовта како движечка сила и моќта на индивидуата како двигател кон своето најдобро јас. Последниот видео запис „Пеперутки” е снимен на сцената во Центарот за култура Битола. Автор на видеото е Дејан Трајчевски, Encore media продукција.

„Пеперутки” е сага и инспирација за секој уметник кој сака да биде слободен да создава и да ја сподели својата креативна моќ за доброто на сите. Во време на сериозни закани за општеството и човештвото воопшто, уметноста како да го изгубила своето значење и ако не е излишна тогаш се игнорира. Ако има нешто што навистина ги поврзува сите луѓе, тоа е уметноста”, велат членовите на „Код 369″.

Песната е снимена и продуцирана од Даниел Митревски во Studio Atelier, мастеринг – Славко Ристевски, Prosound Production Studio.

Фото: Баже Ангеловски

Можеби ќе ве интересира: