Во прв ред

Утре започнува “Пиволенд”

Од утре 11-ти септември до 15-ти септември (недела), на старата локација Скопското кале, под покровителство на Град Скопје, по шести пат во Скопје, ќе се одржи Гурманскиот викенд со пиво – “Пиволенд”.

“Сите љубители на пивото на овогодинешниот фестивал ќе можат да дегустираат околу 40 видови пиво, домашни и странски, како и да уживаат во големиот избор македонска традиционална храна од десет различни ресторани. Оваа година фестивалот ќе има три стејџа со различен тип на музика, и тоа: главниот стејџ, DJ стејџот и кавер бенд стејџот. Би ја искористил оваа можност и би ги поканил сите граѓани на Скопје, но и граѓаните на другите градови од нашата држава, да дојдат и да го посетат “Пиволенд”, истакна градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски. Организаторот на оваа традиционална манифестација, Пане Темов потенцираше дека годинава љубителите на пивото ќе имаат можност да дегустираат пива од македонски производители, но и онакви кои немаат можност да ги дегустираат секојдневно од производители од поблиските и подалечни земји, неизбежните германски, чешки пива како и пива од Англија.

“Фестивалот на пивото, “Пиволенд”, годинава на барање на посетителите се пресели повторно на Скопското кале, а како и секоја година до сега така и оваа акцентот го става на македонските пива, македонската храна и македонската музика. Прв пат оваа година пивопијците ќе можат да дегустираат девет видови пиво од Англија, меѓу кои е и официјалното пиво на мега популарната група Iron Maden, а се надевам дека понудата на пивски брендови ќе ги задоволи вкусовите на сите посетители. Цените на пивата ќе бидат навистина достапни, па така македонско пиво во чаша од 0,4л ќе чини 70 денари, лименка од 0,5л-80 денари, додека најскапите и ексклузивни странски брендови пиво ќе чинат околу 200 денари”, рече Темов, кој што додаде и дека целта на фестивалот е дегустација и уживање во пивото ,а не просто напивање, па затоа и пораката до конзументите да “дегустираат” одговорно.

“Пиволенд” е фокусиран кон целосна промоција на македонската култура, па така во овие пет фестивалски денови ќе можете да ги проследите наголемите домашни ѕвезди како Како дел од изведуваците кои ќе можеме да ги видиме на “Пиволенд” се: Тамара Тодевска, ДНК, Тони Китановски и Васил Хаџиманов, Нокаут, Визија, најдобрите македонските ДЈи: Гоце (саф), Славе, Мирко Попов, Ајсберг, Роботек, Лефанк, Гејм овер и Чваре, како и најдобрите наши кавер изведувачи меѓу кои се и Бени нон стоп, Ај Кју, Пеперминт Босса нова, Лабаво Лавабо и многу други. Исто така посетителите ќе можат да уживаат во настапите на регионалните ѕвезди: Електрични Оргазам, Едо Маајка, Постолар Трипер и Викеда.

Покрај најавените три стејџа (главен, денс и кавер бенд) посетителите ќе имаат можност за уште едно музичко освежување – 4ти стејџ, за којшто ќе се погрижат момците од радио МОФ. На оваа сцена предност ќе им биде дадена на младите, алтернативни музичари и ДЈи од Македонија и ќе биде одлично надоплонувнање на веќе најавената музичка програма. Во музичките правци кои ќе бидат застапени преовладува вистинско шаренило. Музичкиот спектар се движи од дапстеп, драменбејс, прогресив и дач хаус, хип хоп, инди рок, реге па дури и до традиционална ирска музика. Стејџот на МОФ Радио ќе биде во близина на игротеката за возрасни, на локација одлична и за оние кои сакаат да се опуштат, но и за оние кои сакаат да уживаат во добриот алтернативен звук.

Веќе неколку години по ред во рамки на петте фестивалски вечери функционира и катче каде што луѓето можат да се забавуваат играјќи повеќе маалски игри како: табла, шах, тексас холдем покер, пиво понг, не лути се човече, фудбалчиња и др. Учеството е едноставно и е секогаш задоволство на одмерување на силите и среќата помеѓу учесниците. Влезот на фестивалот, како и секоја година, така и оваа, е бесплатен за сите посетители. Традиционално и оваа година фестивалот ќе биде под покровителство на Градот Скопје. Препораката од Фестивалските организатори до сите посетители на Пиволенд 2013 е да ги одморат своите возила и да дојдат со градски превоз, пеш или со велосипед, да конзумираат одговорно и да уживаат во вкусот на различните пива, вкусната храна и добрата музика.

Подготви: Редакција Музика24

Можеби ќе ве интересира: