Една од најголемите хрватски поп ѕвезди Весна Писаровиќ конечно доаѓа во Македонија. На 28-ми март 2026 година, сцената на Македонската филхармонија во Скопје ќе биде местото каде што препознатливиот глас што ги одбележа 2000-тите години ќе одекне со својата полна сила, во вечер исполнета со емоции, носталгија и врвна музика.
Во организација на Евентум продукција, македонската публика конечно ќе има можност да ја види и слушне во живо хрватската пејачка која со своите безвременски хитови како „Да знаш”, „Јутро доноси крај” и „Сасвим сигурна” стана симбол на една ера и остави неизбришлива трага на регионалната музичка сцена. Македонската публика ја памети и по дуетот кој го сними со Владо Јаневски за хрватската верзија на евергринот „Љубовта е моја религија”.
Весна по неколку години музичка пауза и живот во Берлин, каде што се посвети на џез музиката и настапуваше на престижни европски сцени, се враќа на поп сцената посилна од кога било, со нова енергија и звук што совршено го спојува нејзиниот препознатлив емоционален израз со свежи музички влијанија.
Во Скопје ќе ја слушнеме во најдоброто нејзино издание – со спој на нејзините големи хитови и нови изведби што ќе ја воодушеват публиката и ќе ја потсетат зошто нејзината музика сè уште живее во срцата на сите генерации.

„Многу сум возбудена што конечно ќе пеам во Скопје! Македонија отсекогаш била земја со прекрасна публика и голема љубов кон музиката. Верувам дека оваа вечер ќе биде посебна – исполнета со емоции, спомени и топлина. Едвај чекам да се сретнеме и да ги отпееме песните кои нѐ поврзаа сите овие години”, вели Весна Писаровиќ, најавувајќи настап што ќе биде едно од најемотивните музички доживувања во 2026 година.
Концертот на Весна Писаровиќ во Скопје е повеќе од настан – тоа е средба со спомените, музиката и времето кога секоја песна носеше своја приказна. Затоа, подгответе се за вечер која ќе ги разбуди сите сетила и ќе ја запише 2026 година како година на големото враќање на еден од најубавите гласови на Балканот. Билетите за концертот се веќе во продажба преку www.sountix.com.
Весна Писаровиќ конечно доаѓа во Скопје, а нејзиниот концерт ветува магија што ќе се памети долго.
