Во организација на Авалон продукција, вчеравечер во Центарот за култура – Битола својот прв солистички концерт го одржа маестро Никола Мицевски. Ова беше првата концертна промоција на неговиот албум „New Era“.
„Навистина сум возбуден! Нема да зборувам, повеќе ќе свирам вечерва. Еден сон вечерва ми се остварува, сон да имам солистички концерт со инструментална музика заедно со моите долгогодишни соработници и одлични музичари. Ви благодарам за поддршката, премногу ми значи. Ова е албумот „New Era“, нова музика, нова ера. Вечерва за прв пат имате можност да ги чуете сите нумери во живо.“ – истакна никола.
Концертот започна со неговите инструментални нумери „Петка“, „Копнеж“, „Импулс“ а продолжи во етно, ориентален и балкански призвук. Дел од концертот беа и нумери кои Мицевски ги компонираше за Каролина Гочева а заедно со Дамјан Пејчиновски ја изведоа и дуетска „Круг“. За крајот на концертот, Николче ја изведе композицијата „Битола“ која беше специјално подготвена за овој концерт.
На концертот гостуваа 15-на колеги на Никола на инструменти, а вокална поддршка беше хорот Korunovska Ars Nova и Полина Тасева.
Промоцијата на албумот започна од неговиот роден град, а на пролет е закажана промоција и во Скопје.
Фото: Диоген Хаџи Коста Милевски (Центар за култура – Битола)






