Регионалната музичка сензација Јаков Јозиновиќ официјално ја најави својата голема турнеја за 2026 година под наслов „Ја за чуда летим“, а меѓу највозбудливите датуми на мапата се издвојува и неговиот прв концерт во Скопје, закажан за 9 април во Арена „Јане Сандански“.
По неверојатен подем кој за рекордно време го позиционираше како едно од најзвучните имиња на современата поп сцена, Јаков пристигнува во македонската престолнина со репертоар што веќе ги обележа изминатите месеци низ целиот регион. Билетите за скопскиот концерт ќе бидат пуштени во продажба во среда, 3 декември, точно напладне, преку mktickets.mk.
Само неколку недели по објавувањето на првите два сингла – емотивната „Поље ружа“ и мега-хитот „Ја волим“, Јаков го направи она што ретко кому му успева: за неколку дена собра над 7 милиони прегледи на Јутјуб, додека во Македонија песната се искачи директно на првото место на листата на најслушани песни на Apple Music. Со овие изданија, тој јасно го најави новото, амбициозно поглавје во својата кариера – поглавје што кулминира со големата регионална турнеја.
Во рамки на „Ја за чуда летим“, Јаков ќе настапи во Арена Загреб, ќе одржи дури пет концерти во белградскиот Сава Центар, а публиката ќе го слушне и во Нови Сад, Риека, Сплит, Осиек, Љубљана – и, секако, за првпат во Скопје.
Во пресрет на овој долгоочекуван концерт, Јаков Јозиновиќ го потврди и своето ексклузивно гостување во Македонија, каде што покрај медиумските активности ќе биде и дел од 29-то издание на манифестацијата „Златна буба мара на популарноста“, што дополнително го засилува интересот и еуфоријата кај домашната публика.
Со распродадени концерти, рекордни бројки и харизма што освојува на прва, Јаков Јозиновиќ уште еднаш докажува дека не е минлив тренд – туку име што останува. А на 9 април, Скопје ќе има можност тоа да го почувствува во живо.
