Балканската музичка икона Здравко Чолиќ ова лето ќе одржи само еден концерт во Македонија, и тоа на 1 август во Битола, соопштија од Авалон Продукција. Концертот ќе се одржи на стадионот Петар Милошевски – локација која важи за една од највпечатливите сцени за големи музички настани во земјава.
Според организаторите, Чолиќ доаѓа во период кога бележи историски резултати на регионалната сцена. Само во март и април годинава, тој одржа серија од пет распродадени концерти во Зетра во Сараево, пред повеќе од 80.000 посетители. Овој успех следи по трите спектакуларни настапи во Борис Трајковски во Скопје минатата година, како и легендарните шест концерти во Белградска Арена во Белград, кои собраа над 120.000 фанови.
Но, како што истакнуваат од Авалон, бројките се само дел од приказната.
„Вечната борба со самиот себеси, постојано да се оди напред, заедно со безвременските хитови, скромниот пристап и врвниот квалитет, го прават секој негов концерт вистинско доживување“, велат организаторите. Токму затоа, тричасовните концерти на Чолиќ важат за врвно продукциски изведени спектакли, кои од година во година стануваат сѐ помоќни, енергични и блиски до светските стандарди.
Публиката, пак, е приказна сама за себе – од најмлади до највозрасни, сите генерации се спојуваат во еден заеднички глас и емоција. Одговорот на прашањето зошто Чолиќ со децении останува на врвот, според организаторите, е едноставен: затоа што неговите концерти се секогаш – на највисоко ниво.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски
