Во прв ред

„Златна Буба Мара 2025“ – Гламур, музика и долгометражна вечер (Фото)

Најпознатата македонска забавна манифестација, „Златна Буба Мара на популарноста“, повторно собра елитни уметници, музичари, актери и писатели, доделувајќи признанија на најуспешните во изминатата година. Годинашново, 28-мо издание беше преполно со сјај, но и со очекувани (и понекогаш премолчени) критики.

Едно е сигурно – манифестацијата беше реализирана технички беспрекорно, со раскошна сцена, прецизна организација и силна музичка програма. Но, она што сè почесто станува проблем е преголемата должина на програмата. Публиката со ентузијазам го следеше шоуто, но по три и пол часа, дел од посетителите почнаа да ја напуштаат салата, оставајќи ги лауреатите во втората половина со значително помал аплауз од очекуваното. Вечер што трае повеќе од пет часа веќе станува предизвик за концентрацијата, а наградените во завршницата остануваат со помал ефект отколку што заслужуваат.

Големото враќање на Сашко Коцев донесе очекуван интерес, но неговиот настап овој пат беше без политички хумор, нешто што низ годините стана заштитен знак на манифестацијата. Овој потег, иако за некого освежување, за други беше разочарување – сатиричниот пристап кон политиката беше една од причините зошто „Златна Буба Мара“ имаше култен статус кај публиката. Освен Коцев, настапија и Тино Костадиновски и Жарко Јовановиќ, но нивната комична динамика делуваше премногу безбедна и недоволно ефективна за ова ниво на настан.

Доколку нешто навистина го држеше настанот во живот до самиот крај, тоа беше музиката. Калиопи повторно доминираше, освојувајќи три награди и испорачувајќи енергичен настап. Зорица Поп-Панкова и Ана Петановска донесоа одлична генерациска комбинација, а легендите Дарио Панковски и Перо Христов ја вратија публиката во времето на вистинскиот македонски поп и рок звук. Еден од најемотивните моменти беше настапот на Муарем Сербезовски, кој, освен со својот моќен вокал, се истакна и со своето обраќање за значењето на музиката и образованието. Сузана Спасовска докажа дека со право ја носи титулата фолк примадона, а „Меморија“ ја вратија рок енергијата на сцената.

Иако „Златна Буба Мара“ останува најголемата и најреномираната манифестација од ваков тип во Македонија, предолгата програма, намалената сатирична острица и исцрпувачката динамика се нешта на кои организаторите мора да обрнат внимание. Ако се сака да се задржи публиката до самиот крај, потребно е поефикасно темпирање, пократка (но повпечатлива) содржина и, секако, враќање на хуморот со кој оваа манифестација стана посебна.

Телевизиската снимка ќе се емитува на Канал 5, па останува да видиме како ќе изгледа на малите екрани – можеби во скратена, подинамична верзија што повеќе ќе ѝ прилега на овој голем настан.

Можеби ќе ве интересира: