Легендарниот музичар Бјорн Улвеус, познат како половина од авторскиот тандем на шведската поп-сензација ABBA, откри дека моментално работи на нов мјузикл со помош на вештачка интелигенција. Изјавата доаѓа во време кога индустријата сè повеќе го истражува потенцијалот (и опасностите) на АИ во креативните процеси.
„Моментално пишувам мјузикл со помош на вештачка интелигенција“, изјави 80-годишниот Улвеус завчера во Лондон, според „Холивуд репортер“. Сепак, тој беше јасен во ставот дека АИ нема да ја замени човечката креативност.
„Заблуда е дека вештачката интелигенција може да напише цела песна. Лоша е во тоа – многу лоша. Фала му на Бога!“, изјави тој со насмевка.
Улвеус ја нарече АИ „одлична алатка“, но потенцираше дека не може да го замени чувството, хемијата и интуицијата што произлегуваат од вистинска соработка меѓу луѓе. Кога беше запрашан како би ја споредил вештачката интелигенција со неговиот долгогодишен соработник Бени Андерсон, одговори шеговито:
„Побрза е и прави точно она што ќе ѝ го кажете… Но, не е како вистински партнер за пишување песни“.
Иако не откри многу детали за мјузиклот на кој работи, Улвеус потврди дека има длабок интерес за дигиталните технологии и нивното влијание врз иднината на музиката. Неговиот пристап кон вештачката интелигенција е и отворен и внимателен – како на автор кој не се плаши од новото, но не заборава што ја прави музиката навистина жива.
