На 5-ти април, во арената “Борис Трајковски” во Скопје е закажан концертот на познатата балканска поп пејачка Нина Бадриќ. За тоа какво е чувството да се настапува пред македонската публика и што е она што нејзините фанови и обожаватели тука кај нас може да очекуваат на нејзиниот концерт прочитајте во продолжение. Интервјуто е превземено од интернет порталот Лидер.
Како би се опишала себе?
Нина Бадриќ: Една сосема обична жена, која се занимава со необична работа.
Што сака да работи Нина најмногу кога не е на сцена, во слободно време?
Нина Бадриќ: Сакам да одам во теретана, да се дружам со луѓе кои ги сакам. Кога имам време читам и се обидувам максимално да ја наполнам душата со убави мисли. Сакам кога ми е полна куќата со пријатели, обожавам да готвам за нив.
Која е твоја животна филозофија?
Нина Бадриќ: Никогаш да не им судиш на луѓето, зошто и тебе така ќе ти се суди.
Ако треба да се заблагодариш на некого кој ти помогнал во животот за кариерата да ти оди по нагорна линија , кој е тој?
Нина Бадриќ: Најмногу благодарам на Господ, кој ми даде талент за музика. Ми дал музикалност, а најмногу од се храброст да без размислување го остварам својот сон.
Малку неблагодарно прашање, но, која е твоја омилена композиција од твојот репертоар?
Нина Бадриќ: Тешко е да одговорам на ова прашање, сите песни кои јас сум ги напишала имаат приказна која само јас ја знам. Точно знам на кого се посветени и во кој момент се создадени. Среќна сум што луѓето се пронаоѓаат во нив. Тоа чувство е неопислива радост и гордост.
Какво е чувството да се настапува пред македонската публика?
Нина Бадриќ: Морам да признам дека имам голема трема, бидејќи македонската публика најмалку ја познавам. Но, се радувам, бидејќи долго сонував солистички концерт во Скопје. Сакам да дојдат сите кои ги сакаат моите песни, а јас ќе дадам се од себе да ни биде прекрасно додека трае концертот.
Што ново можат да очекуваат твоите фанови од тебе?
Нина Бадриќ: Многу нови песни кои ги снимам. Наскоро ќе промовирам нова песна. Се надевам дека за првпат ќе ја отсвириме на концертот во Скопје. Радосна сум што ќе идам на турнеја со Оливер Драгоевиќ во Канада и Америка.
Извор: Лидер.мк
