Имам нешто да те прашам

Иле Петровски: Не очекувам ништо од Дедо Мраз, затоа што е многу голем лажго

Иле Петровски во 2010-та година настапил на Охрид фест со “Каде си”. Понатаму следат: “Совршен спој”, за кој има и свој видео запис и “Не ми е важно”. Не знаеме зошто се разочарал од Дедо Мраз, но затоа го знаеме она што во моментот се слуша и е хит – темата насловена “Со неа ми е топ”, а и како не би било хит, кога е дело на професионалци: Јован Јованов, Елвир Мекиќ и Иван Јованов. Млад е и се наоѓа на самиот почеток, но сепак за него имаме големи очекувања.

Музика24: Како се чувствуваш секогаш кога се наближува Новата година, дали можеби како некое мало дете оставаш празни новогодишни чорапчиња и го чекаш својот подарок од Дедо Мраз, дали можеби размислуваш и потајно си фантазираш… дали можеби се чувствуваш некако посебно, новогодишно… или ти е сеедно што се наближува и е Нова година?

Иле: Иако имам 19 години, Новата година нема некое значење за мене. Најобичен ден како секој друг ден, а најубав период ми е денот кога славиме Бадник и најчесто тој ден највеќе го очекувам во цела година, секако и мојот роденден. Не очекувам ништо од Дедо Мраз, затоа што е многу голем лажго хехехе.

Музика24: Како вообичаено се подготвуваш за Новата година? Купуваш многу храна, некоја посебно убава книга, купуваш подароци за своите најблиски… си купуваш нешто за себе?

Иле: Обично се подновувам со нова облека, знам да подарам и подароци на најдрагите личности.

Музика24: Што претставува за тебе новогодишната еуфорија? Што претставува воопшто пречекот за Нова година, како го доживуваш сето тоа? Дали тоа и тебе ти се случува, дали те фаќа она новогодишното?

Иле: Па тоа посебно чувство каде што сите се припремаме за дочекот со најблиските пријатели, мислите ни се околу тоа каде ќе славиме, со кој што, како, но јас го доживувам тоа исто како и обично излегување.

Музика24: Како и каде планираш да ја дочекаш Новата 2013-та година?

Иле: Ќе одлучам на 31-ви декември за тоа…

Музика24: Кој е според тебе настанот на музички план кој што ја одбележи 2012-та, а која пак песна може слободно да кажеме, дека е песна на годината?

Иле: Дефинитивно најголем хит за 2012, PSY – “Gangnam style”.

Музика24: Кои се твоите планови, замисли… кои што би сакал да ти се остварат во текот на идната година, нешто што досега не ти се случило?

Иле: Би сакал поголеми успеси од оваа година на музички план, би сакал да го издадам мојот деби албум, други посебни желби и немам.

Музика24: Што би им посакал во Новата 2013-та година на нашите Музика24 интернет читатели, а воедно и на твоите фанови и обожаватели?

Иле: Да бидат секогаш здрави, живи, насмеани и позитивни, често да си читаат објави на Mузика24 и да се секогаш исполнети со љубов.

Интервјуто го подготви: Сања Неткова

Можеби ќе ве интересира: