Денес, 14-ти април во 2000-та година почина истакантаиот македонски пејач, текстописец и композитор на песни во народен дух, познатиот и незаборавен Јонче Христовски. Тој во својата музичка богата кариера, создал сопствен интерпретативен стил, препознатлив и комуникативен со публиката. Најзапаметени меѓу народот ќе останат неговите сценски настапи со фрлање на палтото на земја, бакнување на земјата и боемскиот мераклиски начин на живот отсликан во неговите изведби на песните.
Неговите песни изобилуваат со изворен македонски народен звук и ритмика и силен македонски патриотски дух на љубов кон Македонија, но и кон животот, песната, љубовта.
Јонче Христовски за прв пат се прославува во 1964-та година со својата песна “Македонско девојче китка шарена”, чии препеани верзии потоа се појавиле и на англиски, германски, дански, италијански, руски, српски, француски и шпански јазик. Впечатливи му биле и изведбите на песните: “Животе мој”, “Ај засвирете ми чалгии”, “Запеј песна Македонко” и многу други во извонредно богатиот репертоар. Како најзапаметени и највпечатливи негови песни кои се до денес се своевидни химни меѓу македонскиот народ, со огромна популарност се песните: “Едно име имаме”, “Ако умрам ил загинам”, “Ој, Вардаре македонски”, “И ние сме деца на Македонија”, “Мој роден крај”, “Куќа имам на Пелистер”… и многу други.
Член бил на ансамблот “Танец” (пејач и играорец), каде како кореограф изработил и создал кореографии за неколку ора, меѓу кои и Калајџиското Оро. Како одговорен за народната музика во ТВ Скопје, ја иницирал серијата “Распеани градови” во 1974, еден од најзначајните проекти на ТВС. Јонче Христовски е роден во 1931-та година во Битола.
Подготви: Магдалена Атанасовска
