На неколку наврати досега пишуваме, но денес за последен пат Ве потсетуваме. Еден од доајените на македонската народна музика Ефто Пупиновски, вечерва во Универзалната сала ќе одржи голем солистички концерт. Како гости на концертот ќе се појават познатата фолк пејачка Блага Петревска со која што тој има снимено неколку дуети и поп пејачот Ѓоко Таневски со кого заеднички ќе го отпее евергринот “Лихнида кајче веслаше”.
Тој за “Дневник” вели дека емотивно е поврзан со салата во која што вечерва во 20 часот ќе го одржи својот јубилеен концерт. Јубилеен бидејќи тој прославува 40 години од постоењето и функционирањето на македонската фолк естрада.
“Интересен факт е што пред 27 години токму јас бев првиот интерпретатор на македонски народни песни кој одржа самостоен концерт во Универзална. Годините брзо поминуваат, ама хитовите се безвременски. Овој народ мора да разбере дека сe додека не научиме да се почитуваме ќе бидеме губитници. Треба да ги почитуваме националните обележја, особено во културата, во уметноста. За мојот придонес во народната музика како автор и како изведувач немам потреба да говорам. Делата зборуваат доволно”, вели Пупиновски за “Дневник”.
Доколку сакате да се присетите на незаборавните: “Тинке катинке”, “Прости ми душо моја”, “Ах, ах Ана”… безвременската “Туѓа си бескрајно”, не заборавајте, вечерва во 20 часот во Универзалната сала да бидете дел од големиот солистички концерт на Ефто Пупиновски. Специјализираниот македонски музички портал Музика24 е медиумски покровител на јубилејниот концерт “Песно моја добра”.
Подготви: Влад Петров
