Нема кој не ја познава, кај нас, на Балканот, низ светот… Таа е една и единствена, нејзините деца се уште ја викаат мама Есма, а низ јавноста е позната како голема хуманитарка, жена со големо срце која секому сака да помогне. Вечерва во Универзалната сала, таа со своите деца, ќе прослави 55 години од својата музичка кариера на музичката сцена. Специјализираниот македонски музички портал Музика24 ексклузивно предконцертно и накратко, поразговара со Есма, а што таа ни одговори на нашите прашања поврзани со вечерашниот концерт, нејзиниот живот и кариера… прочитајте во продолжение.
Музика24: Како што знаеме ние, а и целата македонска и светска јавност, Вашата досегашна кариера е на завидно ниво. Ве познаваат речиси насекаде, низ Балканот, низ светот. Со јубилејниот концерт прославувате 55 години од Вашата богата музичка кариера, кажете ни, колку беше трнлив патот додека стигнете на ова скалило каде што сте денес? Што требаше се да поминете во животот за да дознаат која е и што претставува Есма Теодосиевска?
Есма: Ги паметам моите почетоци како да беше вчера. Бев малечко девојче за кои велеа дека има несекојдневен глас, кое публиката многу бргу го засака. По само едно или две појавувања на Радио Скопје и неколку концерти во Македонија, станав миленик на публиката во Македонија, а многу бргу и низ цела тогашна Југославија. Иако мојата слава растеше, мојот професор и ментор во тоа време Стево Теодосиевски, кој подоцна ми стана и сопруг, кога наполнив 17 години ми рече дека е време да научам да пеам, на што јас одговорив дека јас добро пеам и имам популарност, но тој рече дека публиката ќе престане во мене да гледа дете и дека треба да почнам со учење на уметничко пеење. Почнав напорно да работам, две години вежбав секој ден по четири часа и тоа вроди со плод. Достигнав едно врвно ниво на уметничко пеење, од кое беше задоволна и мојата публика, но и мојот професор, кој имаше високи критериуми, кои требаше да ги исполнам. Потоа почнаа сами по себе да се редат успеси. Во текот на мојата 55 годишна кариера, настапив скоро насекаде во светот. Малкумина од нашите простори можат да се пофалат дека пееле во Париска Олимпија, во Операта во Сиднеј, во Карнеги Хол во Њујорк. Во 2011-та, во избор на Националното радио на Америка, бев избрана за еден од најдобрите 50 вокали во светот на сите времиња, што значи дека трудот што го вложив се исплатеше.
Музика24: Веќе одамна Вашиот сопруг не е со нас, но, сите ние го паметиме по одличните настапи и концерти што тој ги одржуваше. Кажете ни, по што најмногу ќе го паметите Стево Теодосиевски?
Есма: Прво сакам сите Ваши читатели да знаат дека Стево Теодосиевски, покрај тоа што беше добар музичар и педагог, беше и врвен композитор. Негови композиции се: “Зошто си ме мајко родила”, “Свадба македонска”, “Милке душо”… и уште многу обнародени песни. Јас нема по што посебно да го памтам Стево затоа што сум секој ден заедно со него, со неговата музика. Една од неговите последни желби беше никогаш да не престанам да пеам, затоа што преку мене и неговите песни Стево Теодосиевски вечно ќе живее.
Музика24: Кои од Вашите песни можете слободно да ги издвоите како народни, евергрини кои насекаде и секоја весела семејна или општонародна прилика се пеат?
Есма: Тоа се секако: “Зошто си ме мајко родила”, “Сите девојчиња”, “Свадба македонска”, “Чаје шукарије”.
Музика24: Која е разликата денес во однос на минатото кога Вие ја започнувавте Вашата кариера? Дали е тешко да се започне со музичка кариера и да се опстои како музички уметник?
Есма: Во времето на моите почетоци, опстојуваше само квалитетот. Тогаш, не се знаеше што е тоа плејбек. Сите ние пеевме во живо на програмата на Радио Скопје. Тоа беше една плејада на пејачи, кои секојдневно мораа да го докажуваат својот квалитет. Таков тип на пеачи беа Васка Илиева, Александар Сариевски, Никола Бадев, Кирил Манчевски, Виолета Томовска и нека ми простат колегите ако некого заборавив, мислам дека ја заборавив Анка Гиева. Сега се се почнува од плејбек и со разголеност, за да се дојде со слава. И денес постојат исклучоци, како што се Наум Петревски, Миле Кузмановски, Сузана Спасовска и др, но полесно им беше во секој поглед, затоа што сега има повеќе медиуми кои можат да ги промовираат, како и многуте фестивали на новосоздадена македонска музика, кои нудат можност да се препознае квалитетот.
Музика24: Иако сте во години, како Есма го започнува денот, што ја прави среќна и ја исполнува во текот на еден ден?
Есма: Сите што ме познаваат знаат дека најпрво сакам убаво да се наспијам за да ми тргне денот и кога немам никакви обврски сакам подолго наутро да сум во кревет. Јас себе си се сметам како обична жена и моето секојдневие не се разликува многу од секојдневието на останатите жени на моја возраст. Кога немам обврски, сакам да се дружам со моите пријателки, да гледам телевизија, да прочитам добра книга, но сепак, најголемо задоволство ми е да се дружам со моите внучиња, како секоја друга баба.
Музика24: Дали ќе може ексклузивно за Специјализираниот македонски музички портал Музика24, односно, за сите Ваши обожаватели и фанови и сите оние кои вечерва ќе бидат присутни на Вашиот јубилеен концерт, да ни откриете кој ќе биде Вашиот стајлинг, како и на кој начин ќе го започнете и завршите концертот?
Есма: За мојот стајлинг вечерва ќе се погрижат проверени професионалци, кои долго време се дел од мојот тим. Креациите што ќе ги носам се дело на “Sposa Moda”, додека за мејкапот ќе се погрижи “Studio Butterfly”. На почетокот, ќе се појавам во фустан, вториот блок е резервиран за Ромската традиционална носија, за да завршам повторно во фустан.
Музика24: Освен Вие како главна ѕвезда на концертот, кои ќе бидат Вашите гости кои ќе имаме можност да ги видеиме заедно со Вас на сцената на Универзалната сала?
Есма: На мојот јубилеен концерт, покрај тоа што сакам да се покажам како пејач, исто така сакам јавноста да знае дека сум и добар музички педагог, така да на сцената ќе настапат моите двајца ученици Садан Сакиб и Елеонора Мустафовска, кои се веќе добро етаблирани пејачи, познати како на странската, така и на домашната јавност. Покрај нив ќе настапи и Ибуш Ибраимовски, кој од пред две-три години е дел од нашиот голем проект насловен како “Чудесните Роми од Македонија” и настапува заедно со нас на многу видни светски фестивали.
Музика24: И како последно прашање во ова наше кратко интервју, како би ги поздравиле читателите на единствениот Специјализиран македонски музички портал Музика24 и секако сите оние кои вечерва со нетрпение ќе Ве очекуваат на Вашиот јубилеен концерт на сцената со кој всушност прославувате 55 години од Вашата музичка кариера?
Есма: Баш убаво што ми давате можност да ја поздравам мојата верна публика и тие што ќе дојдат во Универзалната сала, но и сите останати низ Македонија, кои ќе имаат можност на програмата на националната ТВ Сител одложено да го гледаат концертот. На мојата публика и го должам моето големо име, затоа што тие ме направија голема. Тие доаѓаа сите овие 55 години на моите концерти, купуваа влезници, купуваа плочи, касети, ЦД-ња. Затоа, тие се најзаслужни за тоа што е денес Есма Реџепова Теодосиевска. Тие не ме изневерија во текот на целата моја кариера, така да и јас нема да ги изневерам. Им ветувам убав концерт, кој ќе биде исполнет со емоции, но со мојата публика сакам да ги споделам овие моменти на среќа и возбуда и заедно со нив да ги испеам моите најголеми хитови.
Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски
