На голема жал на неговите верни слушатели и сите оние кои уживаа и се едуцираа годиниве наназад преку неговите, веќе култни, “Заборави ако можеш” и “Диско селектор”, познатиот Драган Б. Костиќ наскоро веќе нема да го слушаме на брановите на Радио 2. Во мини-интервју за Инпрес Костиќ зборува за причините поради кои престануваат да се емитуваат овие висококвалитетни радиски производи, за најавената Тв варијанта на “Заборави ако можеш”, иднината на овие проекти, но и за општите состојби во македонските медиуми и популарната музика на нашите простори.
Утре, 10-ти јуни престанува да се емитува култната радио емисија “Заборави ако можеш”, а наскоро и “Диско селектор”. Кое се причините, ова е ваша одлука или?
Драган Б. Костиќ: На десетти јуни, полнејќи 64 години во законските рамки престанува мојот ангажман во МРТ. Добивајќи ја на тој начин слободата да работам и во други радиодифузни претпријатија ширум земјата. Но илузорно е имајќи во своите редови едно од најпочитуваните имиња во тој оддел на новинарството, водителството, едукацијата и забавата, да го препуштиш само заради исполнувањето на законската рамка, во светот непримерено. Чувствувајќи дека нивото на вредноста на создаваното е примерено да се емитува на националниот радиодифузер, особено што професионалниот набљудувач – Советот за радио дифузија процени дека “со исклучок на “Диско селектор” и “Заборави ако можеш”, Радио 2 на македонското радио речиси и нема препознатливи авторски емисии”, разговарав со извршниот директот на МРТ кој категорично стоеше зад неговото решение дека такво нешто не смее да се случи и дека и двете емисии ќе продолжат со нормално емитување, регулирано со валиден правен документ. А особено дека “мора достоинствено да се одбележи 40 годишнината на “Диско селектор” како најстара емисија во Европа”, која тој јубилеј го остварува на 29-ти јуни 2014. Патем договарајќи проект кој беше речиси пред почеток на реализација, секојдневна телевизијска варијанта на “Заборави ако можеш”, кој уште во пред-најава предизвика големо внимание како во куќата, така и надвор од неа. Но како времето одминуваше, а со него веќе не можев да остварам никаков контакт, од за мене непознати причини, стана јасно дека од натамошната соработка веќе нема ништо. На моја жалост бидејќи неговите ветувања ме држеа понастрана од било какви разговори со другите радиостаници низ земјата. Нема ништо спорно во целата ситуација: законска рамка, 64 години, престанок на работен однос.. Но во светот не оди тоа така. Мојот тип на работа и низ светот не произведува голем број така посветени и професионално хетерогено едуцирани кадри, а небаре во мала земја како Македонија. И оттаму откажувањето од нив е пукањето сам себе во нога. Заминуваа, речиси во полн креативен набој со неверојатно искуство луѓе како Ѓоко Георгиев, Мице Бошковски, Аце Стиков и редица други кои го владееа микрофонот како маѓионичарот својата маѓепсничка палка, чии препознатливи гласови беа симболи на професија и поттик на некои идни нивни следбеници да станат достојни наследници. Но “производната лента” не исфрла постојано харизматични препознатливи гласноговорници, со став, со знаење и почит на средината. Тие се негуваат до крајните граници на можноста.
Дали проектите ќе се емитуваат на друга радиостаница?
Драган Б. Костиќ: И двете емисии, и “Диско селектор” кој четириесет години едуцираше генерации посочувајќи на квалитетот во светската продукција, и “Заборави ако можеш” која беше најопширната, но и најзабавната аудио енциклопедија било кога правена на овие простори, но тврдам и многу пошироко и кои секаде во светот, би биле рамо до рамо со најпочитуваните производи во тој естрадно новинарско водителски оддел. Оттаму е мојата разочараност од односот кон таквите постулати кои ги содаваат времето, квалитетот и публиката која го препознава и вреднува. Знам дека немаме некои посебни системи на проверка на слушаноста, но нескромно сум убеден дека двете емисии, особено “Заборави ако можеш”, имаат најголема тивка следбеничка армија во Македонија. Веројатно во следниов период од месец-два, ќе се обидам да им пронајдам нов дом на двете емисии, можеби и ќе креирам некои нови (во истиот манир), тематски определени… Нека мине извесен период на мое емотивно празнење, бидејќи секој ќе разбере дека да изведеш преку 12.000 емисии со преку 15.000 часови пред микрофон, на истата бранова локација, не е мала работа, па ќе се зафатам повторно со она што најдобро го знам: да зборувам за музика.
Медиумите во Република Македонија како да се во еден своевиден законски “јарем”, музиката никогаш поплатена и никогаш поеднолична и подосадна. Има ли спас за македонските медиуми и македонската музика?
Драган Б. Костиќ: Никогаш во историјата на уметноста парите не биле иновативниот двигател. Тие биле поткрепа за да творецот преживее и живее, но не и на уметничка креација. Во светот на естрадата, се плаќа за она што ќе го оствариш. Ако вреди. Ако не, ќе ги гледаш оние кои создале нешто што вреди. Заради споредба. Мојата маленкост, во самиот врв на мојата естрадна определеност, за да се изедначи со првата награда на Макфест (и Скопскиот фестивал лани), треба да работи отприлика ПЕТ години. Или да продуцира 1.320 емисии “Заборави ако можеш” и 260 (двочасовни) емисии “Диско селектор”! Каде во ваквата професионална поставеност е творечкиот поттик? Па и најголемиот воркохолик ќе крене раце! Отприлика за тие пари (првата награда) требаше да направам 122,45 минутни секојдневни телевизиски емисии “Заборави ако можеш” (требаше да стартува од септември) во рок од една година! Видео миксери, камермани, тонци, режисер, водител….сето тоа за толку. И… немало пари!!! Во радиото, се вели нема пари. Не е така, но ако е така, тогаш виновниците се сопствениците на радијата. Бидејќи не почитувајќи ги законските определби за суштините на програмите (врз основа на кои како поднесени елаборати и добивале право на фреквенција), не морајќи да имаат авторски реализирани емисии, ја поедноставуваат работата обезвреднувајки ја и на тој начин маргинализирајќи ја самата институција – РАДИО. А кој сака да плаќа за рекламирање на џубокс со катастофален музички ростер? Тоа па тоа. Законодавецот е виновен (а не Србите) што ни царува турбо фолк. Да беше почитуван законот, радиата ќе мораа да имаат програми, а не да емитуваат само музика. И сега кога се бара (тоталнио имбецилно) одреден процент на емитување македонска музика, се крева бесно гласот. Не велам неоправдано. Но акцијата ја произведува реакцијата. Загубените критериуми, се проблем кој долгорочно ќе мора да се решава бидејќи производството на авторитети е прашање на време и почитување на истите. Како пример: Кога пред десетина години си замина во пензија легендарниот англиски радиски водител Џон Пил (кого Би Би Си го пушти на заслужен неколку месечен одмор за да потоа повторно продолжи), Би Би Си, на сите свои радијски и телевизијски програми на тој ден, со еден куп пригодни емисии го одбележа денот. Делумно заради признанието на Пил за неговата работа, но најмногу за укажување на следбениците: “Ако сакате еден ден да го доживеете ова, мора да работите како него”. Кога ќе дојдеме на приближно рамниште, можно е нештата и да се мрднат од место.
Интервјуто е превземано од In Press
