Дали се сеќавате кога нашата незаборавна легенда Тоше Проески правеше концерти на градскиот стадион и без ниту еден гостин истата ја преполнуваше, дури се бараше и билет повеќе? Да, тоа беа навистина убави времиња. Неколку години потоа, познатиот поп пејач Жељко Јоксимовиќ повторно го наполни градскиот стадион. По половина час стоење (ако не и повеќе) пред вратите кои според најавите требаше да бидат отворени во 19 часот, фановите на Жељко и веќе најавените музички гости, влегоа во веќе подготвениот и одлично спакован “Филип Втори”.
По долго стоење и чекање да започне концертот, на неофицијалниот дел од истиот, на сцената се појави млад DJ кој се обиде да ја забавува публиката. Колку успеа во тоа, можат само присутните да кажат. По речиси час и половина, на сцената се појави Жаре Бербер кој ниту беше најавен ниту пак некој имаше информација дека ќе се појави пред ѕвездата на концертот. Само во негов стил излезе на сцената и со својот бенд на некој начин ја забавуваше публиката со песните кои дополовина ги пееше. Дали Жаре мислеше дека е на настап во некоја дискотека или не незнаеме, но публиката од речиси 50.000 илјади присутни тоа не го мислеа. И по два ипол часа конечно тој…

Познатата балканска поп музичка ѕвезда Жељко Јоксимовиќ кој концертот го започна со феноменални ефекти и секако со неговата неповторлива “Либеро”. А веднаш по песната тој и се обрати на присутната публика:
“Малку е да кажам благодарам за овој дочек и подарок што ми го приредивте. Навистина немам зборови”, и се обрати Жељко на публиката не криејќи го задоволството од преполнатата арена. А веднаш потоа се редеа хитови на кој никој од публиката не остана рамнодушен како што се преубавата и одлична “Љубави”, “Жена за сва времена”, “Лудак као ја”, “Није љубав ствар”, “Девојка”… и уште мнооогу, многу познати хитови.
Како прв гостин на концертот Јоксимовиќ со задоволство го покани нашиот X Factor – Данијел Кајмакоски со кој заедно ја отпееа новата и заедничка “Скопје-Београд”, песна која што за многу кратко време стана вистински хит.
По одличната изведба на овој летен хит, на сцената Кајмакоски продолжи со песните со кои досега имаше настапувано на регионалното “X Factor” шоу. А веднаш потоа на сцената се врати ѕвездата на концертот Жељко Јоксимовиќ кој продолжи со своите извонредно одлични хитови кои со својот бенд звучеа совршено. На сцената се појавија и Браќата Тавитјан со кој Жељко ја отпеа преработената “Ој, девојче”, а следен негов гостин беше познатиот рокер на балканско ниво, Бора Чорба кој отпеа неколку негови познати хитови, а на самото заминување заедно со публиката, по барање на Јоксимовиќ, Бора Чорба ја отпеа македонската народна песна “Елено ќерко Елено” на која што “Филип Втори” буквално ечеше. Жељко Самарџиќ беше следниот кој излезе на сцената и кој како гостин на ѕвездата Јоксимовиќ исто така отпеа неколку познати хитови, од кои последната, повторно на барање на домаќинот, но овој пат како пијано верзија беше отпеан хитот “Ако одеш”, а веднаш потоа тој си замина од сцената со најава за скоро видување во Македонија.
“Ви Благодарам, горд сум и среќен повеќе од она што можете да го замислите. Ова е мојот втор роденден, ова може само во Македонија”, и се обрати Жељко на присутната публика, а веднаш потоа продолжи со одличните хитови. Како последен гостин односно гостинка на сцената беше поканета мега популарната Лепа Брена која беше всушност и специјален гостин на концертот и се држеше во тајност се до денот на одржување на истиот. Таа пак, во свој одличен и препознатлив стил ја поткрена публиката со своите неколку хита “Не бих ја била ја”, “Зрно бибера” и “Сањам”, а пред самото заминување заедно со 50.000 илјадната публика ја отпеа нашата македонска народна песна “Како што е таа чаша”.
На самиот крај на речиси четиричасовниот концерт, Јоксимовиќ ја отпеа “Лане моје”, со што по Тоше Проески, ќе биде запишан за единствениот балкански пејач кој што ја наполнил арената “Филип Втори”. Се надеваме, но неверуваме дека во скоро време некоја позната македонска или балканска музичка ѕвезда ќе го повтори она што имавме можност да го видиме вчера вечер.
Подготви: Синиша Новевски
