Десетгодишната музичка кариера исполнета со падови и успеси и неколку домашни и интернационални признанија, Димитар Андоновски ја круниса со деби-албумот “Ова небо знае се”. На завчерашната промоција, на која присуствуваа неговите колеги од естрадата, пријателите, семејството и претставници на медиумите, тој истакна дека радоста е голема и верува оти новите песни ќе го најдат најкраткиот пат до слушателите.
“Kога го подготвувавме албумот, се шегував дека се чувствувам како да ми се родило дете. Но, навистина, радоста е неизмерна. Овој проект ми е особено драг зашто претставува круна на мојот музички пат. Kариерата е инвестицијата во мене, а публиката што се соживува со песните и ги пее е најголемата награда. Таа чекаше 10 години на моето првенче, но сметам дека е подобро да извадам квалитет, отколку квантитет”, ни изјави Андоновски. Албумот содржи 12 композиции, од кои некои се веќе емитувани во јавноста. Лазар Цветковски се јавува како автор на музика, аранжман и продукција на поголем дел од нумерите за кои текстовите ги напиша неговата сестра Магдалена. На првенчето автори се и Мартин Вучиќ и Kалиопи.
“Новиот материјал го работевме темелно и максимално му се посветивме изминативе четири години. Во него вложивме многу љубов, бидејќи не сакавме да има наменски песни. Нашата желба беше да понудиме музика и стихови со многу душа”, рече Лазар Цветковски. Димитар најави спот за песната “Само тоа го можеш ти”, кој треба да се појави до крајот на неделата. Албумот ќе го приближи до македонската публика на летната турнеја низ Македонија. Негови следни фестивалски дестинации ќе бидат “Сунчане скале” и “Славјански базар”.
На промоцијата поддршка му дадоа колегите Дарко Илиевски, Влатко Лозановски-Лозано, Тамара Тодевска, Сара Мејс, Александар Тарабунов, Франц и Пере од “Нокаут”, Маја Вукичевиќ, Роберт Билбилов, Панки, Панчо од “ДНK”.
Извор: Дневник
