Во рамките на програмата на овогодинешното издание на “Охридско Лето”, на 1-ви август на сцената на “Антички Театар” во Охрид гостува Voca People, сензационалниот перформанс на музичката комедија која комбинира восхитувачки и неверојатни вокални звуци. За прв пат во Македонија, пред публиката на “Охридско Лето”, Voca People ќе го претстават своето шоу кое ширум светот важи за незаборавно искуство кое ја спојува музичката брилијантност со многу хумор.
Voca People ансамблот кој потекнува од Израел претставува нов феноменален интернационален вокално-театарски перформанс кој ги комбинира восхитувачките вокални звуци и “а капела” пеењето со уметноста на модерниот битбокс кој ги имитира звуците на цел оркестар – тапани, труби, гитари и други инструменти и музички ефекти. Сето ова Voca People го прават без употреба на било кој музички инструмент на сцената, настапувајќи при тоа со хумористичен перформанс, анимирајќи ја и самата публика. Voca People на сцената презентираат нови музички аранжмани и нивна уникатна примена користејќи повеќе од 70 најпознати хитови, песни и мелодии на сите времиња. Нивното шоу освои огромен успех за многу краток период. За само 3 години тие имаа повеќе од 50 милиони прегледувања на You Tube и распродадоа повеќе турнеи низ Европа, Северна и Јужна Америка и Далечниот Исток. Шоуто привлече повеќе од милион посетители низ светот и цела година беше дел од “Оф-Бродвеј” театарот во Њујорк.
Влезниците за овој концерт се веќе достапни во продажната мрежа на МКтикетс, по цена од 600, 800 и 1.000 денари, во зависност од распоредот на седење.
Подготви: Магдалена Атанасовска
