Откако патиштата им се разделија Тајзи и Горјан Јовановски или уште попознат во македонската јавноста како Скипи започнаа со своја сопствена кариера. Скипи моментално е актуелен со новата песна “Скинат џеб” за која што вели дека наскоро ќе сними и видео спот.
“Не би рекол дека секој видео запис мора да биде скап потфат. Со добар креативен тим може да се компензира недостатокот од финансии. Мене ме радуваат спотови каде што авторот со малку успеал да направи нешто”, изјавува Скипи. Тој моментално ги завршува студиите на Факултетот за безбедност во Скопје, а за неговото студирање вели:
“Се надевам дека ќе успеам да се вработам како финансиски инспектор. Инаку за девојките што сакаат униформирани момчиња, само да напоменам дека оваа професија нема да го облече Скипи во униформа”, додава тој. Не ни откри дали има девојка или не, но вели дека девојките може да го освојат само со својот шарм. Освен што е при крај на студиите, тој истовремено работи во сопствената продукција “Skipi Beat”
“Сум соработувал со повеќе музичари што креираат во различни стилови. Некои од имињата со кои сум соработувал се Тони Зен, Нина Јанева, Тајзи, Бубе Најдановска, Роберт Билбилов, Адријан Гаџа, Филип Божиновски, Ноне Неделковска, како и актуелните проекти со Марко Ацковски”, открива тој. Каде и да летува, му посакуваме да нема “Скинат џеб” и летниот одмор да го помине преубаво.
Подготви: Елена Ивановска
