Младиот и талентиран македонски гитарист Дамир Пух продолжува со успесите, имено, тој со изведбата на неговата авторска композиција “Flathead” влезе во финалето на познатиот натпревар “Guitar Idol” и заедно со уште седум гитаристи ќе настапи на завршната манифестација на натпреварот која ќе се одржи во салата Olympia во Лондон на 13-ти септември.
Натпреварот им дава предност на изведувачите кои ќе испратат свои авторски композиции, а се вреднува и оригиналноста, техниката, чувството и вкусот на гитаристите кои се натпреваруваат. Сите финалисти ќе добијат награди, а вкупната вредност на наградниот фонд во гитари и опрема е преку 20.000 долари.
Дамир најпрво се пласира во најдобрите 100, за во комбинација на избор на специјално жири и гласови на веб-страницата на натпреварот, да влезе во големото финале.
“Дамир беше еден од учесниците кои рано се пријавија и веднаш знаевме дека е кул. Овде ни доаѓа со класична рок тема со елементи на Jeff Beck, Steve Lukather и Joe Satriani”, се вели во објавата за Дамир на Фејсбук-страницата на “Guitar Idol”.
Подготви: Елена Ивановска
