Во прв ред

ДНК со голем јубилеен концерт на 12-ти мај

Предводниците на македонската ар-ен-би/поп сцена, Панчо и Андреј и официјално го најавија својот голем славенички концерт кој ќе се одржи на 12-ти мај, во арената “Метрополис” во Скопје. Овој концерт на ДНК е одбележување на 15 години од нивното постоење на македонската музичка сцена, но воедно и концертна промоција на нивниот најнов албум “Уште еден ден”.

На големиот концерт во Скопје, ДНК во придружба на својот бенд ќе ги изведат последните музички остварувања и сите останати хитови од нивниот 15-годишен репертоар, кои денес бележат и милионски прегледувања на нивниот официјален канал на YouTube, како: “Срце”, “Што сака нека биде”, “Север и југ”, “Она е од Шутка”, “Авион”, “Само таа знае како”, “Најмила”, “Стојам сам”, “Полна месечина”, “Навлечен на тебе”, “Пази се од мене… и многу други. На тричасовното шоу друштво ќе им прават и сите колеги со кои во својата 15-годишна кариера имаа соработки. Браќата Тавитјан, Тамара Тодевска, Магдалена Цветковска-Ена, Роберт Билбилов, Дарко Илиевски се само дел од домашните музички имиња кои ќе ги видите и чуете на сцената во “Метрополис” на 12-ти мај.

Почетокот на спектаклот е најавен за 21 часот, а вратите за влез ќе бидат отворени од 20 часот. За загревањето на атмосферата ќе се погрижат хип-хоп диџеите: Irie Scratch, Fitty Flow и диџеј Nasty. Од понеделник, 6 март, билетите ќе може да се набават по симболична цена преку продажната мрежа на МК Тикетс.

До 24 април – 200 ден; од 25 април – 300ден, Фан Пит билети: до 24 април – 300ден; од 25 април – 400ден, Вип билети: до 24 април – 400 ден; од 25 април – 500ден.

Подготви: Александра Блажевска

Можеби ќе ве интересира: