Култниот сараевски рок бенд “Забрањено пушење” oснован далечната 1981-ва година, оваа година се главните ѕвезди на фестивалот “Битола отворен град”. Низ годините оригиналните членови заминуваа, а на нивно место доаѓаа нови, но “Забрањено пушење” беше и остана еден од најголемите бендови на Балканот. Нивните концерти ги посетува бројна публика, а нивните албуми се продаваат во тираж од стотици илјади примероци. Досега имаат снимено девет студиски албуми. Со нивните експлозивни настапи, легендарните “Забрањено пушење” одамна го носат епитетот на бенд кој што мора да се види во живо. Ние од музичкиот портал Музика24 ексклузивно имавме можност да поразговараме со фронтменот и основач на бендот Давор Сучич познат како Сејо Сексон.
Музика24: Пред се Добре ни дојдовте во Битола. После колку време настапувате тука и како се чувствувате пред концертот на фестивалот “Битола отворен град”?
Сејо Сексон: Бевме претходно во 90-те во комбинација со “Топ листа надреалиста” и “Бомбај штампа” во спортската сала во Битола. Од тогаш помина многу време, но еве прилика да се потсетиме на убавите времиња.
Музика24: Со оглед на тоа што и претходно сте настапувале тука, што мислите за битолската публика и енергијата која таа ја разменува со изведувачите?
Сејо Сексон: Па секогаш е голема возбуда за секој музичар да настапува пред македонската публика, тоа вие исто како да настапувате пред црнци. Сум имал такво искуство во Дубровник, тие те гледаат и го следат секој акорд. Македонија е земја каде музичарите се за пример. Да настапуваш во Македонија е исто како да играш тенис на “Вимбелдон”. Се надевам дека вечерва публиката ќе биде задоволна од нас.
Музика24: На сцената сте од 1981 -та година, која е тајната формула за успешно опстојување на сцената сиве овие години?
Сејо Сексон: Баш денес дискутиравме за тоа дека рок музиката е во некое кризно време. Се обидовме да се сетиме колку бендови се распаднале со текот на времето. Тоа се многу малку освен “Бјело дугме”, “Азра”… Тоа е одговор на вашето прашање, рок музиката не е професија, тоа е религија. Така беше одсекогаш, ние не работевме за пари за нас рок музиката е нешто повеќе. Пријателите кои ги запознаваш всушност се најголемата придобивка. Обожавателите без разлика на времето ја третираат рок музиката како религија.
Музика24: Што е според вас клучно за добар концерт и настап?
Сејо Сексон: Па ние сме бенд без конкретен репертоар за концертите, секој концерт е посебен и ние се обидуваме да го дадеме најдоброто од нас. Ние прво со репертоарот сакаме самите да се забавуваме, па потоа публиката. Мислам дека ако вие не сте добро расположени и публиката нема да се забавува. Треба добро да се измачиш, бидејќи нашата публика има високи критериуми и таа публика лесно се губи, а тешко се привлекува. Нема мали бендови има само големи сали. Треба да го даваш својот максимум исто како во фудбалот ако го оставиш срцето на теренот, односно на сцената, ќе успееш.
Музика24: Колку секојдневието ве инспирира да творите?
Сејо Сексон: Што да ви кажам, нажалост овие простори се вечна инспирација, што е потурбелентен животот и колку повеќе проблеми ние имаме материјал за рок музиката. Ако работев во Швајцарија, Шведска или Австрија незнам дали ќе бев толку плоден автор.
Музика24: Што е она што го подготвувате за вашите фанови?
Сејо Сексон: Јас и претходно имам кажано секоја нова песна е како нова фризура, на почеток на сите му е чудна, но со текот на време сите се навикнуваат. Јас се сеќавам на времињата кога сега големите хитови беа нови песни, луѓето не реагираа исто. Музиката е како антиквитетите и виното колку постара толку е повредна и послушана. Треба да помине некое време и сето тоа да слегне. Менаџерите често доаѓаат и ни предложуваат обединување на бендот и нови песни, но освен финансискиот момент ја нема таа енергија која порано постоеше. Ние се формиравме бидејќи имаше некоја посебна енергија, правевме песни, но тоа сега го нема.
Музика24: Следно настапувате на “Егзит”. Што за вас значат настапите на “Егзит” и “Битола отворен град”?
Сејо Сексон: Па публиката е публика, ние никогаш не правевме разлика без разлика дали е “Егзит” или Битола, нема разлика за нас.
Интервјуто го подготови: Филип Етмишовски
