Фестивали

Фестивалот на забавни мелодии “Макфест” се враќа на старите корени

Популарниот и надалеку познат македонски фестивал на забавни мелодии “Макфест” оваа година на барање на граѓаните на градот Штип и сите почитувачи на вистинската забавна македонска музика, ќе се оддржи во традиционалниот октомвриски термин, односно, трите фестивалски вечери ќе се одржат на 5-ти, 6-ти и 7-ми октомври. Во првите две вечери кои ќе бидат полуфинални ќе се изведат 15 композиции, додека во финалето присутните во Домот на културата во Штип и гледачите пред тв екраните ќе можат да преслушаат и погледнат 20 композиции.

Соња Бишоп од Финска, Емануел Линдстром од Шведска, Тамина Нијазова од Таџикистан, Гунеш од Белорусија, Елвира Микиева од Азербејџан, Антонија Маркова од Бугарија, како и домашните Елена Петреска, Влатко Илиевски, Антонија Гиговска… се дел од натпреварувачите на годинешното, 32-то по ред издание на популарниот фестивал “Макфест”. Изведувачите своите композиции ќе ги пеат на матрица т.е на плејбек, како што тоа беше пред неколку години, што значи дека оваа година Ревискиот оркестар при МРТВ ќе се повлече од сцената.

И овој пат наградниот фонд ќе изнесува 26.500 евра, односно 10.000 за победничкиот тим, 7.500 за вицешампионите, а 5.000 за третопласираните. Покрај нив ќе бидат доделени и признанија за вокална изведба, аранжман, дебитант и за најдобар сценски настап, секоја од нив во вредност од по 1.000 евра. За сето тоа ќе одлучуваат меѓународно стручно жири и гласовите во публиката, во сооднос 50:50, а гласањето ќе се одвива по принципот еден телефонски број – еден глас, додека самите учесници ќе имаат можност да заокружат по 3 песни што најмногу им се допаѓаат. Во среда 27-ми септември ќе се одржи прес-конференцијата по повод одржувањето на фестивалот на која што ќе има извлекување која песна по кој редослед ќе настапи на големата сцена. А како што дознава музичкиот портал Музика24, веќе од следната година на чело на фестивалот се враќа Г-нот Стојан Троицки кој е еден од основачите на овој голем македонски музички фестивал.

Подготви: Александра Блажевска

Можеби ќе ве интересира: