Културо

Битола на глобалната мапа за одбележување на 30-ти април Меѓународниот ден на џезот

Младински културен центар – Битола кој е официјален УНЕСКО младински клуб, по шести пат се вклучува во одбележувањето на Меѓународниот ден на џезот 30-ти април со организирање на концерт на „Беличанска Квинтет“ во понеделник 30-ти април 2018 година. Локација кафе бар Камарите – Битола, со почеток во 22.00 часот.

 Беличанска Квинтет е состав од искусни и докажани музичари од нашата џез сцена кој веќе 10-тина години е активен. Зад себе имаат многу настапи, концерти и фестивали во земјата и странство. Негува повеќе стилови почнувајќи од џез стандарди кои се изведени во нивни аранжмани, латин џез, фанк, соул, како и своја авторска музика.

Овој концерт по шести пат ја става Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.

 Овој настан е дел од глобалната акција за прослава на Меѓународниот ден на џезот кој вклучува настапи и концерти во преку 100 земји во светот. Овој ден ги сплотува нациите и општествата прославувајќи ја уметноста на џезот, потенцирајќи ја неговата важна улога во охрабрувањето на дијалогот меѓу културите и цивилизациите, промовирајќи го човековото достоинство.

 Подготви: Филип Етмишовски

Можеби ќе ве интересира: