Најновото 17-то по ред издание на фестивалот “ОФФест” ќе се одржи од 31-ви мај до 5-ти јуни. Програмата и годинава вклучува актуелни и врвни имиња од Европа, Африка, САД и Австралија. Ќе се одржат десет концерти на три локации.
“Џупитер и Оквес” од Конго ќе гостуваат по втор пат, а “Фајтинг виндмилс” се единствената домашна група, кои ќе се претстават со нов албум, со своја премиерна концертна промоција на “ОФФест”. “Дртмјузик” се ол-старс група со Крис Екман, Хуго Рејс (The Bad Seeds на Ник Кејв) и Мурат Ертел (Baba Zula), и ќе се прикажат во едно психоделично-рок издание. Автентичните “Офичина Зое” од Италија со својот хипнотички транс.
Од Тунис ќе гостуваат “Ифрикија електрик” со шаманско-индустриски-електро ритуал. Ориентален рок со најдоброто од Турција – Гаје Су Акијол и нејзината група. Пополноќна aфро-грув забава до утринските часови со диџеј Мукамбо од Белгија. “Бармер бојс” ја продолжуваат вековната индиска музичка традиција. “Транс-Ејолијан трансмишн” ќе приредат свој специфичен аудио-видео перформанс. И за затворање на фестивалот, африканската кралица – Уму Сангаре. Најголемата африканска пејачка која доаѓа од Мали.
Во четири вечери (31-ви мај – 3-ти јуни), концертите ќе се одржат во Младинскиот културен центар. На 31-ви мај и на 1-ви јуни со почеток во 21.00 часот, а на 2-ри и 3-ти јуни со почеток во 20.00 часот. Полноќната забава на 2-ри јуни е со почеток после 00 часот во клубот “Епицентар”. Завршната вечер е на 5 јуни во Македонската опера и балет со почеток во 20.30 часот.
Подготви: Редакција Музика24
