Овогодинешното 17-то по ред фестивалско издание на фестивалот на новосоздадени македонски и народни поп мелодии “Канеофест” ќе се одржи на 30-ти јуни за прв пат на локација во централното градско подрачје, на новиот простор наспроти Македонски пошти. Како што велат организаторите, оваа нова локација каде што за прв пат ќе се одржи овој познат македонски музички фестивал, практично со одржувањето на истиот ќе ја добие својата нова примена, односно, одржување на настани од ваков тип.
Инаку, “Канеофест” е поддржан од Општина Охрид и оваа година ќе биде поделен во два дела во една фестивалска вечер. Првиот дел ќе биде посветен на фолк композициите, додека пак вториот дел од вечерта ќе биде наменет за поп композициите наменети за овој фестивал.
“И оваа година “Канеофест” ќе произведе над 20 новосоздадени композиции од роднокрајни автори кои ќе го збогатат македонското музичко творештво, судејќи по композиициите што досега се пристигнати на само неколку дена до целосно затворање на конкурсот, ќе имаме богат музички натпревар. Наградите ќе бидат доделени по пат на гласање од страна на стручното жири и по пат на бодување на гласовите од публиката. Дополнително фестивалот ќе биде дополнет со богат ревијален дел”, изјави за музичкиот портал Музика24 директорката на фестивалот Кристина Алексиеска. И оваа година “Канеофест” е во организација на ТВ Морис од Охрид, и истиот ќе започне во 20 часот.
Подготви: Марија Поповска
