Како што велат организаторите, овогодинешното издание на “Еврофест” е во знакот на нашата македонска музичка легенда Тоше Проески. Вчера вечер беше одржана првата фестивалска вечер каде во Амфитеатарот во Крушево во чест на Тоше на сцената се појавија голем број на музичари, победници од европските фестивали меѓу кои ќе ги споменеме: Дона Александрова – Русија, Јорданка Христова – Бугарија, Натали Дениз – Украина, Ана Стефановиќ – Србија, Александра Војтик – Белорусија, Бенџамин Хасиќ – Босна и Херцеговина, Јулија Арнаут – Молдавија, Клодијана Вата – Албанија, Витали Органџи – Грузија, Ѓоко Ѓорчев – Македонија.
Вечерва пак во Скопје, во Домот на АРМ со почеток од 20 часот ќе биде одржана вечерта насловена “Хит мелодии”. Како што велат организаторите за Музика24, со оглед на тоа дека годините наназад многубројни хитови произлегоа од овој фестивал, треба да очекуваме дека учесниците и оваа вечер ќе донесат нови композиции кои ќе останат и ќе се пејат уште многу години.
Вечерва на сцената публиката ќе има можност да ги слушне новите композиции на нашите препознатливи музички имиња: Ѓоко Ѓорчев, Серафина Фантаузо, Захари Чернев гостин од Бугарија, Маргица Антевска, Рената Блажевска, Мери Тодорова – Младеновска, Глигор Гошев… и многу други. Интересно е тоа што освен пеење, вечерва на сцената на Домот на АРМ ќе биде доделена и традиционалната Награда за животно дело на Добрила Чабриќ Ивановска која имаше свои настапи во тв шоуто “Никогаш не е доцна”.
Програмата и оваа година ќе ја води Катерина Стојановска Десковска.
